Комплетирани дигиталните катастарски планови на територија на цела држава


Комплетирани се дигиталните катастарски планови во државава откако во централната база се внесени податоците за последната катастарска општина – К.О. Тетово 2. и е создадена платформа за систем на географски информации засновани на интернет (WEB GIS). 

Агенцијата за катастар на недвижности информира дека со оваа платформа се врши размена и дистрибуција на податоци и таа овозможува целосна покриеност на територијата на државата со основни сетови на дигитални просторни податоци. Исто така, посочува АКН, таа овозможува и дополнителен развој на политики за стратегијата за Национална инфраструктура на просторни податоци и ќе помогне при исполнувањето на условите и критериумите на директивата ИНСПИРЕ на Европската Унија.

-Дигитализацијата на катастарските планови претставуваше процес на усогласување на графичката со алфа-нумеричката база на податоци и прочистување на техничките грешки кои се резултат од одржување на катастарот на недвижности во две засебни бази на податоци, наведува АКН во објава на својата веб страница.

Крајната цел на проектот за дигитализација беше интеграцијата на графичката база на податоци на дигиталните катастарски планови, со алфа-нумеричката база на податоци во една единствена централизирана база на податоци и тоа за сите катастарски општини на територија на државата.

-Како завршница на овој долготраен и комплициран процес на дигитализација на катастарските планови на територијата на целата држава, на 16.4.2024 година во централната база на податоци се внесени податоците за последната катастарска општина – К.О. Тетово 2. Сега и од оваа катастарска општина ќе може да се обезбедат податоците, како што се извод од катастарски план и имотен лист, преку веб страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, во делот на ОССП дистрибутивниот геопортал, наведува Катастарот во објава на својата веб страница.

10.05.2024 - 12:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега