„Борба за Влае“: Поништен регулацискиот план за Влае, огромна победа за граѓанските иницијативи
На денешната седница на Советот на Град Скопје беше изгласано поништување на Регулацискиот план за Влае 2.
Ова, како што велат од иницијативата „Борба за Влае“, значи дека сите претходни активности на основа на овој регулациски план се враќаат на почетна точка и треба да се прават на основа на постоечкиот ГУП.
„Ова е огромна победа за граѓанските иницијативи бидејќи иницијативата „Борба за Влае“ директно соработуваше со советниците на Советот на Град Скопје за повлекување на урбанистички документ од својата населба. Преку средби со советнички групи се направи мнозинство во Советот.
Но за жал тоа мнозинство беше навистина тесно. Точката ја поддржаа точно 23 од потребните минимум 23 советници.
Им благодариме на советничките групи на Зелен Хуман Град (2 гласа), ВМРО-ДПМНЕ (16), Левица (4), Алијанса на Албанците (1), ДОМ (1) и ЛДП (1) што го поддржаа нашето барање. Ова се вкупно 25. Броеа нашите членови кои присуствуваа во салата и од камерите + Претседателот на советот (кој не е во кадар на камерата) + во директна комуникација со 3те советници кои гласаат преку веб учество на Совет.
Немаше гласови против, само воздржани 6 гласови од советничката група на СДСМ, За модерно Скопје (Гром + ексчленка на ВМРО-ДПМНЕ) и една членка од АА“ наведуваат од иницијативата.
Оттаму додаваат дека на почетокот на Советот, советничката група на СДСМ пробала да направи промени во дневниот ред со измена на точката за поништување на Регулацискиот план, кои не беа мнозински поддржани од останатите советници, а при гласањето кога нивните гласови биле круцијални гласале воздржано.
„Веруваме, можеби наивно, дека станува збор за недоразбирање, дека имаме поинакво толкување на законите за кои можеби ќе можевме да се разбереме пред седницата, а не дека постапија малициозно.
Сепак искрено веруваме дека и самите тие се против ДУПови кои бетонираат населби и Регулациски планови кои овозможуваат заради нови висококатници да се променува траса на улица, да се одземе од школски двор и општо да се загрози безбедноста на учениците и жителите.
На крајот на денот веруваме дека има можност да се направи мнозинство во Град Скопје создадено од различни советнички групи кои ќе се обединат против штетни ДУПови кои се носат сега или се донесени во мандатите на минатите градоначалници. Тоа успеа да се создаде во
Општина Карпош. Може да успее во сите општини, па и во Град Скопје“ порачаа од иницијативата „Борба за Влае“.
Жителите на оваа скопска населба протестираа против изградба на зграда од 11 ката, што беше предвидено според овој регулациски план.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа