Царовска: Посветени сме да се зајакне стручното образование

 

Како Министерство за образование и Влада навистина сме посветени да се зајакне стручното образование во државата, да имаме кадар кој подоцна директно ќе може да биде активен. Тоа со години не беше така. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска во Кавадарци.

 Министерката Царовска и претставници на Делегацијата на германското стопанство во Македонија денес посетија средни стручни училишта во Велес и Кавадарци каде се реализира дуално образование по германски модел и имаа работни средби со претставници на партнерските компании каде се изведува практична настава.

Царовска вели дека стручното образование продолжува и во услови на пандемија како одговор на потребите на стопанството за квалитетен и добро обучен кадар. Оваа учебна година дуално образование посетуваат вкупно 220 ученици. Од нив, годинава се запишани 85 ученици.

 -Практичното (дуално) образование е одличен начин младите уште во текот на средното образование да се насочат кон професии кои се барани од компаниите, но и да дознаат што значи работа во реални услови. На овој начин обезбедуваме поголема вработливост на младите кои го завршиле стручното образование. Дури и во вонредни услови во кои се одвива образовниот процес оваа година овозможивме учениците од средните стручни школи да ја продолжат практичната настава. Секако, таа се реализира под посебни протоколи, со кои се гарантира нивна заштита,  изјави Царовска која го посети  средното стручно училиште „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци, каде што учениците се обучуваат во струката техничар за индустриска мехатроника, а практичната обука ја извршуваат во компанијата „Дрекселмајер“.

Таа посочи дека  дуалното образование е успешен начин на градење  вештини потребни на пазарот на работна сила и додаде дека по завршувањето на пандемијата, кај компаниите ќе биде уште поизразен недостигот на стручен кадар, а младите вклучени во дуалното образование ќе имаат најкус пат до вработување.

-Тоа што ние се трудиме да го направиме за младите е да изградиме систем кој ќе им помогне да ги развијат своите практични вештини, полесно да се вработат и да ги реализираат своите амбиции, посочи Царовска.

Во програмата за дуално образование се вклучени седум училишта од седум општини и 12 компании. Дуалното образование  се реализира во Велес, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп, а од оваа година во Скопје и Тетово. 

 Министерката рече дека ваквото образование ќе продолжи и понатаму и ќе се најде начин тоа да се озакони. Нагласи дека е важен и системот за стипендирање како мотив за учениците да се запишуваат на дефицитарни струки. Првпат Владата оваа недела усвоила програма за стипендирање, усогласена со планот на Агенцијата за вработување. Се стипендираат машинската, електро, градежна и земјоделска струка. 

Од училиштето во Кавадарци информираа дека во моментов 36 ученици практичниот дел од наставата го реализираат во компанијата „Дрекслмајер“, а 165 ученици се на пракса во други компании. 

 Директорот на делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, исто така го изрази своето задоволство од дуалното образование.

 Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој и самиот учел овде, рече дека е среќен што општината има вакво училиште кое постои сто години и гради млади кадри со стручно образование. Тој нагласи дека „Дрекслмајер“ е меѓу најголемите компании во државата.

 -Кавадарци е на врвот  во Република Северна Македонија по економија, невработеноста е само пет проценти  и таквиот пример треба да го следат и другите, нагласи Јанчев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.10.2020 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега