Денеска е Велика Сабота – ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение
Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Православните верници ги прават последните подготовки пред вечерашното прославување на најголемиот христијански празник – Велигден.
Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото воскресение, кое точно на полноќ ќе го означат биењето на камбаните и радосниот восклик „Христос воскресе“.
Вечерва се оди во црква каде што секој носи црвено јајце. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат.
Празникот на Христовото воскресение Велигден е празник на љубовта и мирот. За христијаните, Велигден е триумф на животот над смртта и доброто над злото, ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување, и ја докажал божествената моќ.
На Велигден, верниците се поздравуваат со “Христос воскресе” и “Ваистина воскресе“.
Велика Сабота е ден на покојот, ден на покојникот, ден на најголемиот покој и на најголемиот покојник.Денот на големиот покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк.
Ова е денот на оплакувањето на покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица.
Велика Сабота е определена како ден за чување на гробот. Денеска верниците се крај Христовиот гроб, се поклонуваат пред Плаштеницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот.
Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа