Џафери од Мечкин Камен: Да се донесе правилната одлука, дури и по цена на политички пораз

 

Европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет е веќе на дофат. Сега, како што ви е, верувам, познато, Република Северна Македонија, граѓаните и во прв ред политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој нѐ не води никаде, е избор што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана, порача денеска од Мечкин Камен претседателот на Собранието Талат Џафери.

Како што потенцира Џафери во обраќањето на големиот народен собир по повод државниот празник 2 Август, Денот на Републиката - Илинден, ова не се времиња за наивни надмудрувања кои ќе резултираат со крајно иреверзибилни последици од кои никој потоа нема да може да се извлече.

-Време е за разум, време е за одговорност и висока свест и совест и да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата и граѓаните. Колку и да е тешка, тоа е сепак државничка одлука и мора да се преземе одговорност. Дури и да биде тоа по цена на некој иден политички пораз, по цена на позитивни или негативни реперкусии сепак, иднината ќе потврди дали е донесена правилната одлука. Затоа што, во денешен контекст, ако ги анализираме некогашните историските одлуки, а ги имало многу, и тогаш имало такви кои сметале дека биле погрешни но, времето и актуелниот признат и почитуван статус на Република Северна Македонија во меѓународен контекст потврдува дека биле вистинските одлуки. Почнувајќи од референдумот за осамостојувањето во 1991, членството во Организацијата на обединетите нации, полноправното членство во НАТО Сојузот, со сите придобивки кои ги ползуваме како членка, подвлече Џафери.

Според него, имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме.

-Патот по кој треба да чекориме е одамна детерминиран, уште од првите илинденци. Тие биле свесни дека само со надминување на тесната и себична рамка, со отворање на умот и силно прегрнување на благодетите кои ги нуди заедништвото, ќе бидеме пример за нова и додадена вредност во регионот и пошироко. Тоа е наш долг кон сите што се бореа за таква граѓанска држава и општество во кое новите генерации ќе живеат, растат, се образуваат и творат во слободна, независна, модерна и напредна земја во која со радост ќе го славиме сите заедно Илинден, во чест на сите револуционери кои имаа удел во создавањето на европска Република Северна Македонија, а ние ќе бидеме горди европски граѓани, истакна претседателот на Собранието.

Заеднишвото, дополни, нема цена.

-Свртени сме еден кон друг и во добро и во лошо и верувајте, тоа заедништво - нема цена! „Цело е кога има се!“, не е само празна флоскула. Цело е кога сите се задоволни, среќни, успешни, лојални и вредни, пред сѐ - со љубов кон татковината! А татковината е земјата во која ја градиш иднината, ги растеш своите деца, ги учиш да ја сакаат земјата која им дала сѐ: и почит, и праведност, и уживање на правото на образование на мајчин јазик, вработување, правичност, недискриминација, давање на еднакви можности и вреднување според истите тие еднакви можности, рече Џафери. 

02.08.2023 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега