Џафери се сретна со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин: Можност за продлабочување на парламентарната соработка

 Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин оцени дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација се карактеризираат со пријателство, принципиелна соработка и отвореност, како и со можности за продлабочување на парламентарната соработка, што ќе придонесе за унапредување на соработката во другите области.

Тој информираше за активностите што му претстојат на Собранието во врска со формирањето на делегациите и пратеничките групи за соработка, меѓу кои и Пратеничка група за соработка со Парламентот на Руската Федерација.

Амбасадорот Баздникин упати честитки за реизборот на Џафери за претседател на Собранието и успешно спроведените парламентарни избори. Тој се заложи за натамошно заемно унапредување на севкупната соработка меѓу Руската Федерација и Република Македонија, врз основа на еднаквост, почитување и меѓусебното уважување, истакнувајќи дека членството на земјава во НАТО не треба да има влијание врз пријателските билатерални односи, се наведува во соопштението на собраниската прес-служба.

Џафери и амбасадорот Баздникин нагласиле дека се заеднички определбите за континуитет и унапредување на економската соработка и трговската размена, како и за проширување на соработка во бројни полиња од взаемен интерес за граѓаните од двете земји.

На средбата, исто така, беа разменети информации за состојбите со пандемијата од КОВИД-19, како и справувањето со последиците од истата.

Соговорниците се осврнаа на можностите за унапредување на парламентарниот дијалог меѓу Собранието и руското Федерално собрание, како на билатерален план, така и во рамките на меѓународните парламентарни собранија во кои членуваат двете земји.

Баздникин на Џафери му ги предаде честитките од претседателот на Државната дума на Руската Федерација Вјачеслав Володин за изборот за претседател на Собранието и Изјавата на Државната дума во врска со 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите нации.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.09.2020 - 14:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега