Филипче: Како никогаш досега вложивме во младиот медицински кадар, тие се активно вклучени во креирањето на здравствените политики

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска во Охрид оствари средба со специјализантите и младите лекари  од Општата болница, Здравствениот дом Охрид, Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања - "Свети Стефан" и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. На средбата, тие дискутираа за мерките кои се имплементираат, а министерот ги слушна и предлозите и пораките за унапредување на здравствениот систем.

„Веќе трета година, вратите на Министерството за здравство се отворени за сите, особено за младите здравствени работници. Тие активно се вклучени во креирањето на здравствените политики, затоа што само тие можат да кажат кои мерки и политики се најдобри за младите специјализанти, лекари, медицински сестри. Во изминатиот период направивме многу за да ги мотивираме и да бидат задоволни од својата работа. Спроведовме низа активности. Нема повеќе лихварски договори. Со измените кои ги направивме во Законот за здравствена заштита, го сменивме времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршување на специјализацијата во траење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, како и намалувањето на висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата“, потенцираше министерот Филипче.

Тој истакна дека за четиригодишниот период 2019-2022, одобрени се 1000 специјализации и супспецијализации и додаде дека за првпат приватните специјализанти се платени за својот труд. Повеќе од 5000 согласности се дадени за вработување.

„Направивме да се чувствуваат вреднувани и мотивирани. Тоа што е најважно се чувствуваат дека се дел од тимот, дел од системот. Ова е многу важно, затоа што само ако се чувствуваат добредојдени во системот, ние може да ги задржиме во нашата земја. Отворивме можности секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство. Сега, веднаш по добивањето на лиценца, вратите на младите им се отворени за работа со пациенти. Согласно измените во Законот за здравствена заштита тие треба да поминат на работа шест месеци во јавните установи во дејностите на итна медицинска помош, патронажна дејност и поливалентна патронажа“, рече министерот Филипче.

На средбата, министерот Филипче посочи дека како никогаш досега е вложено во зголемување на платите на сите здравствени работници. За 40% се зголемени платите на лекарите специјалисти, од 20% до 23% на медицинските сестри, општите лекари до 25%.

Младите лекари изразија благодарност за севкупното вложување, особено сега кога земјава се соочува со ковид-19. Тие нагласија дека здравствените власти правилно постапиле со инвестирањето во медицинскиот кадар затоа што во овие моменти се покажа дека здравствениот систем добро се справува со овој вирус.

„Со вистинските здравствени политики ќе продолжиме и во следниот период. Инвестирањето во младите е најважно, затоа што тие се иднината во јавното здравство. Продолжуваме со зголемувања во платите и надоместокот за дежурства, подобрување на условите во здравствените установи и набавување на најсовремена медицинска опрема“, истакна Филипче.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

05.07.2020 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега