Франција, Германија и Велика Британија воведоа санкции за иранска авиокомпанија
Владите на Франција, Германија и Велика Британија најостро го осудуваат Иран за испорака на балистички ракети на Русија и затоа заедно ќе работат на воведување санкции против „Иран Ер“, потврди денеска германското Министерство за надворешни работи.
„Тој чин претставува ескалација и од Иран и од Русија и е директна закана за европската безбедност“, се вели во заедничката изјава на трите земји објавена од германското министерство.
Трите земји ќе преземат итни чекори кон суспензија на билатералните договори со Иран за услугите за воздушен транспорт, се додава во соопштението. Иран е повикан веднаш да прекине со секаква помош за Русија во војната со Украина.
Претходно американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и најверојатно ќе ги користи во Украина во блиска иднина.
За време на неговата посета на Лондон, Блинкен потврди дека САД ќе воведат и нови санкции за Иран кои се однесуваат и на „Иран ер“.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател во вторникот се осврна на проблемот со балистичките ракети кои Иран и ги испорачува на Русија и рече дека Западот ќе мора да одговори на тоа со тоа што ќе му дозволи на Киев да гаѓа цели длабоко на руска територија.
Андриј Јармак ги нарече „позитивен чекор“ санкциите што трите земји ги најавија против Иран, но вели дека тоа не е доволно.
Потребна ни е дозвола да користиме западно оружје против воени цели на руска територија, односно ни требаат ракети со долг дострел и зајакнување на системот за противвоздушна одбрана“, напиша Јермак на „Икс“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа