Германија работи на дефинирање минимална цена за авионските билети

Германија работи на предлози за дефинирање на минималната цена на авионските билети за да ги охрабри патниците да се свртат кон помалку штетни начини на транспорт во однос на животната средина, соопшти министерот за финансии, Олаф Шолц.

Билетите во иднина би требало да чинат најмалку 50 до 60 евра, соопшти Шолц.

Евтините летови што ги нудат Easyjet, Ryanair и Lufthansa честопати драматично ја поткопуваат понудата на државната железничка компанија „Дојче Бан“, објаснува „Ројтерс“.

„Ниту еден лет не треба да биде поевтин од аеродромските и сите други давачки што ги генерира“, рече министерот за финансии, додавајќи дека владата ја истражува можноста за усогласување на предлогот со регулативите на ЕУ.

СПД, партијата на Шолц во моментов е на трето место според анкетите, зад Зелените и конзервативците на канцеларката Ангела Меркел. Сѐ повеќе аналитичари предвидуваат победа на Зелените во атмосфера на изразена загриженост за климатските промени, па другите се обидуваат да се прилагодат, објаснува агенцијата „Ројтерс“.

На почетокот на мај, највисокиот суд во Германија донесе одлука дека законот за климатски промени од 2019 година не е доволно амбициозен за да ги заштити правата на помладите генерации, соочени со климатските промени и дека треба да се заостри.

Дури и пред судската одлука, законот имаше за цел драматично зголемување на железничкиот сообраќај за да се намалат емисиите на стакленички гасови, посочува „Ројтерс“.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2021 - 10:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега