Град Скопје: Името на Данило Коцевски е едно од имињата предложени во Листа за дополнување на имиња на улици и објекти

Откако Огнен Коцевски, синот на нашиот познат романописец, книжен критичар и раскажувач Данило Коцевски се огласи на Фејсбук и обвини дека Град Скопје никогаш досега не му оддаде никакво признание на неговиот татко кој целиот свој живот го посвети на пишување за главниот град, реагираа од Град Скопје.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека името на Данило Коцевски е едно од имињата предложени во Листа за дополнување на Листата на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, која ќе се најде пред Советот на Град Скопје на наредната седница. Имено,  името на Данило Коцевски, книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, поет и хроничар на Скопје, е дел од новата листа на предложени имиња (страница 46, реден број 250 - https://skopje.gov.mk/media/6522/spisok-na-ulici.pdf).   

Градот Скопје отсекогаш го ценел придонесот на Коцевски како хроничар на Скопје, а тоа се гледа во поддршката на повеќе негови проекти во минатото, како и долгогодишната соработка во организирањето на свеченостите по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје. Тој  во 2008 година е избран за  член на Одборот за одбележување на 45-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, под мотото „Скопје – 45 години град на солидарноста“, додека во 2010 година Коцевски е и именуван за член на Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“, стои во соопштението.

На седницата што ќе се одржи во вторник, наредната недела, Советот на Град Скопје ќе расправа за дополнување на регистарот на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје со нови 571 предлог.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2021 - 11:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа