Изгаснат пожарот меѓу штипскиот Затвор и селото Драгоево
Пожарот меѓу Затвор-Штип и селото Драгоево утринава е целосно изгаснат, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Командирот на ТППЕ-Штип Дарко Коцев за МИА вели дека на терен се пожарникарите од ТППЕ-Штип, со цел да не се активира повторно.
-Во моментов сме на терен, со цел да не се активира пожарот, кој вчера се рашири во три правци кон селата Драгоево, Пенуш и Софилари, вели Коцев.
Посочува дека огнените јазици пристигнале на два до три километри од првите куќи во селото Драгоево, а во гаснењето освен пожарникарите им помагало и месното население. Коцев вели дека и овој пожар е предизвикан од палење на стрништа по жетвата, а поради ветерот брзо се ширел.
Директорот на ЦУК, Ангелов вели дека во моментов нема активни пожари во земјава. Во текот на вчерашниот ден имало вкупно 29 на отворен простор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа