Ќе се градат два кружни тека, подвозници и надвозници кај Момин Поток

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави уште еден голем проект за жителите на главниот град – изведбата на клучката кај Момин Поток, која е една од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот.

„ Се работи за огромен проект во вкупна вредност од околу 18 милиони евра, за кој постапката ја започнавме вчера, градежните работи ќе ги започнеме во текот на јуни, а изведбата треба да трае 2 до 2,5 години. Според својата комплексност, се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изработено од 1965 година, па наваму. Малку поедноставен е проектот за клучката кај хотелот „Континентал“. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8.Септември“ и улицата „Скупи“ и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар „Словенија“ каде што се поврзува со булеварот „Босна и Херцеговина“. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем“ рече Шилегов, на денешната прес-конференција.

Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар „Словенија“ изнесува околу 1.600 метри. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено лед булеварско осветлување, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Проектот предвидува и изградба на 2 моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.04.2021 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега