Коњановски: Двајцата работници од погонот излегле, повикавме уште пожарникари на помош

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски вечерва во близината на со оган зафатената поранешна фабрика „Жито Битола“ изјави дека во моментот на избувнување на пожарот, малку по 17 часот, внатре имало двајца работници кои навреме излегле. Тој смета дека нема други луѓе во објектот и рече дека на помош пристигнува противпожарно возило од РЕК „Битола“ и дека се разговара и со противпожарни служби од околните градови за евентуална помош.

„Објектот е во сопственост на 'Ангро механизација жито Битола“, тоа е во моментот пекара, млин и силос. Пожарот избувнал во кровната конструкција. Огнот го гаснат сите пожарникарски сили на Битола, со 27 пожарникари и 9 возила. Побаравме помош и од РЕК „Битола“, нивно пожарникарско возило е тргнато наваму. Разговараме и за помош со пожарникарските служби од околните градови, понудена е помош од Каварарди. Станува збор за стар објект“, рече Коњановски. 

Тој на новинарско прашање рече дека е информиран оти имало двајца работници во објектот, кои навреме излегле и додаде дека мисли дека нема повредени или жртви.

Општинските власти се во контакт со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и со Центарот за управување со кризи.

23.01.2022 - 20:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа