Мицевски: Заев во паника правеше циркус за да си купи привиден мир и да го оттргне вниманието на народот од вистинските проблеми

Денес, еден ден откако Зоран Заев си купи привиден мир со шверцерско гласање на доверба на Влада и тоа го претстави во јавноста како небаре да ги донесол Гугл и Фејсбук и како небаре да набавил милион вакцини, сепак реалноста е иста како и претходно. Се’уште немаме вакцини и секојдневно луѓе умираат заради тоа, се’уште економијата е пред колапс, се’уште Република Македонија е презадолжена, 55 илјади луѓе кои останаа без работа во последната година се’уште се невработени. Тоа е нашата реалност со Зоран Заев на власт, изјави денеска за медиумите, Никола Мицевски, , координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски посочува дека Заев не промени ништо, не донесе подобро и дека тој во текот на вчерашниот ден, очигледно во паника, правел циркус за да си купи привиден мир и да го оттргне вниманието на народот од вистинските проблеми, но и од фактот дека коалицијата полека, но сигурно нема доверба во владата.

– Имено, Зоран Заев исплашен од ВМРО-ДПМНЕ побрза да предложи точка на дневен ред – гласање на доверба на влада и тоа по итна постапка на самата седница, со цел да не може да се дискутира во Собранието за лошите и катастрофалните политики на власта. Вчера Заев само покажа дека нема доверба во своето мнозинството и својата коалиција и затоа мораше да ги тестира. Со овој очајнички и паничен потег, Заев мисли дека си купил 90 дена мир, но очигледно не го знае членот 92 став 5 од Уставот на Република Македонија, каде многу јасно и децидно вели, цитирам:
„Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, ОСВЕН ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници“. Оттука, му порачуваме на Зоран Заев дека на неговата „купи ден, продај“ евтина и популистичка политика, полека но сигурно и се гледа крајот. Токму стравот, паниката и слабоста која што власта и Зоран Заев ги покажаа вчера, јасно покажува дека тој не верува ниту во своето мнозинство, ниту пак доволно верува во себе, вели тој.

– Од друга страна, со вчерашното гласање падна во вода и уште една голема лага на Заев и луѓето околу него, а тоа е лагата дека тој има пратеници од опозицијата кои го поддржуваат и ќе преминат во таборот на власта. Дека тоа е евтина лага и манипулација, вчера се увери и самиот Заев, а македонската јавност јасно гледа чиј табор во последниот период е на стаклени нозе и полека се распаѓа. Зоран Заев веќе нема што да понуди. Зоран Заев го отпеа своето. Крајот на Зоран Заев забрзано доаѓа и е се’ поочигледен. Неговите нелогични и штетни потези, го докажуваат тоа. Мирот кој наводно мисли дека си го обезбедил, наскоро ќе стане и ќе се претвори во негов кошмар, додаде Мицевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа