Младиот Иле кој го доби срцето на девојката е добро

Водачот на тимот д-р Сашко Јовев изјави попладнево дека срцето на починатата девојка го добил младиот Иле Стрезоски и дека постоперативниот период добро се одвива и дека со него се разговара. На прес-конференцијата на кога говореа лекарите од тимот за трансплантација, беше речено дека успешно се извршени и трансплантации на бубрезите на два пациента, а дека втората операција била многу сложена бидејќи биле соочени со многу ретка аномалија на бубрег со три артерии. Коски и меки ткива ќе добијат пациенти во текот на идната недела.

„Ноќеска е извршена втората трансплантација на срце во Македонија, откако вчера за жал не успеаја напорите да се спаси животот на девојката која потоа стана донатор. Семејството даде согласност, за што сме многу благодарни. Направена беше експлантација на срцето и на бубрезите.  Иле Стрезоски, кој страдаше од декомпензација на срце, го доби ова срце. Неговото болно срце пумпаше само со 10 проценти капацитет и единствена шанса за спас на неговиот живот беше трансплантација. Младиот Иле е буден и добро се чувствува, сите параметри се добри, очекуваме и се надеваме и понатаму да биде во добра состојба. А, бубрезите ги добија пациенти на возраст од 27 и 40 години, додека во наредната недела врз повеќемина пациенти ќе се трансплантираат коски и меки ткива“, изјави како вовед на почетокот министерот за зравство Венко Филипче.

Д-р Сашко Јовев кој го предводеше овој тим исто како и минатата година кога беше извршена првата трансплантација на срце во земјава, изјави дека младиот пациент се чувствува добро и дека неговиот живот зависеше токму од донација на срце.

„Изразувам огромна благодарност до семејството на девојката, јавноста треба да знае дека единствениот вистински начин да се помогне во вакви ситуации за да се спаси живот, е донација на органи. Со Иле комуницираме и се надевам дека добро ќе се одвива постоперативниот период и дека ќе имаме и други успешни оперрации од овој вид“, рече Јовев.

Д-р Жан Митрев рече дека тој бил во улога на асистент и нагласи дека операцијата минала во најдобар ред.

„Трансплантацијата е извршена со сите ресурси врз младиот пациент кој се наоѓаше во исклучително тешка состојба. Операцијата беше извршена успешно. Во услови кога сме соочени со пандемија, еве се виде дека не ги забораваме и другите пациенти и очекувам и други пациенти кои се на листи на чекање дека ќе добијат шанса за живот“, рече Митрев.

На прес-конференцијата беше речено дека се извршени и две трабсплатации на бубрезите - едниот го доби пациент на дијализа на возраст од 27 години, а вториот бубрег пациент на 40 годишна возраст. Втората трансплантација беше посложена поради вродена аномалија на бубрегот, со многу редок случај на три артерии, но сепак успешно е извршена операцијата и двата пациента имаа прво мокрење, што е добар знак.

„Постојат семејства со голема душа, благодарни сме им бескрајно, тешко е да се разговара на таа тема во така тешка ситуација за семејството. Им благодарам на сите членови на тимот кои не ги гледате во моментов од сите специјализации. Се надеваме дека ова ќе се прошири во јавноста зашто е од големо значење донираањето на органи. За дел од пациентите добивањето на орган е едиствената шанса за живот. На добар пат сме да организираме систем, каков што тоа беше вечерва, зашто тоа е од исклучително значење", изјави д-р Маја Мојосва, национален координатор за трансплатација.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.04.2021 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега