Муцунски: Вашата јасно изразена волја создава сериозна обврска за исполнување на вашите очекувања

Новиот градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, кој победа издвои уште во првиот круг преку социјалната мрежа Фејсбук им се заблагодари на сите кои му помогнаа во текот на целата кампања и го дадоа својот глас за него.

-Посебно се заблагодарувам на моето политичко семејство ВМРО-ДПМНЕ за дадената доверба, на моето семејство, мојот тим, другари, пријатели, комшии, граѓаните на општина Аеродром и на целата моја татковина за нивните добронамерни совети, безрезервната поддршка и вербата во мене во текот на целата кампања. Во текот на изминатите дваесетина дена се обидував да внесам еден поинаков дух во водењето на политичката кампања, коректен и професионален однос кон политичките конкуренти и зголемен степен на внимание и почит кон граѓаните и нивните идеи и желба за промени, напиша Муцунски на Фејсбук.

Можеби невообичаено за македонски услови, Муцунски им се заблагодари и на своите противкандидати за активното учество во политичките дебати и понудените идеи и проекти.

-Упатувам благодарност и кон другите кандидати и конкуренти во трката за градоначалник на општината Аеродром, за нивниот вложен труд во текот на кампањата, за активното учество во политичките дебати и понудените идеи и проекти. Како во текот на кампањата така и денес кон моите политички противници гледам здрава и силна конкуренција и натпреварувачи на кои заедничката цел им е обезбедување на поубав, поквалитетен и просперитетен живот во нашиот простор на заедничко живеење. Затоа, им посакувам успех во извршувањето на нивните сегашни и идни професионални задачи, вели Муцунски.

Сепак, тој посочува дека постојат многу предизвици поради пандемијата, состојбата во енергетскиот сектор, но и финансиската неизвеснот. Вели дека сите ќе мораат да покажат волја за и ангажираност за соочување со предизвиците.

-Во време на присутна пандемија, енергетска криза, почеток на нова економска и финансиска нестабилност, присутни секојдневни последици од климатските промени и пад на моралните вредности, од сите нас се очекува да покажеме вистинска волја и подготвеност за соочување со сите предизвици, но и поголема ангажираност и национално единство за ургентно решавање на сите прашања кои посредно или непосредно влијаат на веќе девастираниот стандард на нашите граѓаните. Токму во наведената насока овие избори граѓаните јасно покажаа дека е крајно време за ефикасни и квалитетни промени во нашето современо општество, но и дека е минато времето на лажни и неисполнети ветувања. Вашата јасно изразена волја создава сериозна обврска за исполнување на вашите очекувања и реално остварување на заедничките високо поставени цели и задачи, напиша Муцунски на Фејсбук.

18.10.2021 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега