Наумовски: Граѓаните не треба да ги менуваат личните карти поради новите имиња на улиците

Следната недела Советот на Град Скопје ќе расправа за дополнување на регистарот на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје со нови 571 предлог.

Tогаш повторно ќе се вратат старите имиња на улиците –  „Бихаќка“, „Водњанска“, „Железничка“, „Каирска“, „Ленинова“, „Првомајска“, „Иво Лола Рибар“, „4 Јули“, „29 Ноември“ и други. Овие улици,  на кои имињата им беа променети од претходното градско раководство, ретко беа употребувани и граѓаните ги користеа старите називи.

Меѓу предлозите за именување на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти се имињата на: Неџат Аголи – учесник во НОБ, политичар и командант на четвртата албанска бригада, Кројач Ангелковски – еден од најпрепознатливите кројачи во Скопје, македонскиот актер Владимир Ангеловски –Дади, потоа Аполо 11- мисијата од програмата Аполо со која во 1969 година, човекот стапнал на месечината, космонаутот Нил Армстронг кој бил командант на мисијата Аполо 11 и бил првиот човек што стапнал на месечината.

 

На листата се наоѓа и Безвременски градски парк за сите генерации, рок групите Бис Без, Леб и сол, Лева патика, потоа англискиот музичар и глумец Дејвид Боуви. Како предлог за име на плоштад, како синоним за место каде ќе се случуваат убави настани на листата е и името Вера, Љубов, Надеж, Медена земја, како и многу други.

 

Шефот на кабинетот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Никола Наумовски, рече дека граѓаните нема да мора да ги менуваат личните документи само поради менувањето на имињата на улиците.

– Градот има обврска да го апдејтира списокот на имиња секои неколку години. Последниот пат тоа беше направано на скандалозен начин. Она што денеска го правиме е да ги вратиме имињата на улиците кои беа дел од скопската мапа. Крајно неодговорно е на секоја најава на градската администрација советничката група на ВМРО-ДПМНЕ да оди контра. Она што ние го имаме е тоа дека нема име кое што може да и ги помати сметките или да и биде трн во око на опозицијата. Од она кое што точно сме сигурни дека ќе мора да се случи е дека имињата од периодот на солидарноста и повоениот период ќе мора да се вртат во Скопје. Ако не го направиме тоа, ние го забораваме земјотресот и помошта што југословенската и светската заедница му ја дадоа на Скопје. На граѓаните при следната замена на личните карти и пасошите ќе им биде внесено новото име на улицата на која што живеат. Значи нема да бидат изложени на дополнителни трошоци, ниту пак градот и државата. Тоа се редовни процедури, рече Наумовски во емисијата „Утрински брифинг“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.02.2021 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега