Цените на мало во мај бележат намалување

 

Цените на мало во мај годинава во однос на претходниот месец бележат намалување од 0,6 проценти, а трошоците на живот за 0,2 отсто. Пораст од 0,9 отсто цените на мало бележат во однос на мај 2012, а трошоците на животот пораст од 3,4 отсто.  

Според објавените податоци на Државниот завод за статистика намалување на трошоците на животот од 0,2 отсто во мај 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на безалкохолните пијалаци за 5,8 отсто, зеленчукот за 2,7 отсто, јајцата за 2,5 отсто, преработките од зеленчук за 1,4 отсто, мастите за 1,1 отсто и рибата за 0,3 отсто.

 

Во мај, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива и гасот за домаќинствата и нафтените деривати за 4,7 отсто, авионскиот превоз на патници за 1,2 отсто и електричните апарати за домаќинствата за 0,4 отсто.

 

Пораст на индексот на трошоците на животот во мај 2013 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај овошјето за 6,4 отсто, преработките од месо за 1,1 отсто, алкохолните пијалаци за 0,9 отсто и преработките од млеко за 0,6 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај обувките за 2,3 отсто, средствата за хигиена и пијалаците во рестораните и хотелите за 0,7 отсто, лековите за 0,5 отсто и храната во рестораните и хотелите за 0,4 отсто.

најчитано сега