Државите од Западен балкан заедно ќе работат на подобрување на конкурентноста
На регионалната конференција „Економијата - основа за поврзување на Западен Балкан - насоки за подигнување на конкурентноста на компаниите од регионот“ која што минатата недела се одржа во Црна Гора, беа донесени заклучоци за повеќе инвестиции и извоз, подобро стручно оспособување и структурни реформи во образовните системи, како и зголемување на правната сигурност и владеењето на правото.
Ова се клучните области на кои треба да поработат земјите од Западен Балкан се со цел да ја подобрат конкурентноста на нивните економии.
За зголемување на конкурентноста, пак, на компаниите на домашно, но и на локално ниво недостасуваат квалитетна сообраќајна, комунална и енергетска инфраструктура, и поинтензивна соработка заради трговско инфраструктурно поврзување. Затоа е потребно да се поттикне регионалната соработка во областа на инфраструктурните проекти, енергетиката и проектите за размена на млади.
Ова се главните заклучоци од регионалната конференција „Економијата – основа за поврзување на Западен Балкан – насоки за подигнување на конкурентноста на компаниите од регионот“ што минатата недела се одржа во Црна Гора, а на која присуствуваа и претставници од Стопанската комора на Македонија.
На состанокот, како што рече Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција, било посочено дека честото менување на прописите оневозможува правна сигурност, а со тоа и привлекување на странски инвестиции.
- Потребно е регионот да се претстави како атрактивно место за инвестирање и преку заеднички прекугранични проекти да отпочне блиска соработка за промоција на регионалниот економски развој. За да има повеќе инвестиции неопходно е зголемување на правната сигурност, а тоа, пак, значи дека во сите земји во регионот би требало да постои поголема усогласеност на прописите со правото на Европската унија, нагласи Милевска-Штрбевска.
Потенцира дека на конференцијата е договорено да се формира работна група која ќе утврди листа на 10 пилот проекти од заедички интерес на сите земји во регионот со земање предвид на компаративните предности на секоја од земјите. Наскоро во Берлин со германска помош ќе се одржи и првиот состанок на работната група. Германската поддршка на регионот ќе продолжи и во наредните три до четири години, а за краток период се очекуваат да се видат првите резултати.
Таа посочи дека претседателите на стопанските комори од регионот се залагаат за воспоставување на поцврсти економски врски на овие простори и ја препознаваат неопходноста и значењето на регионалната економска соработка.
Во првите шест месеци од годинава дури 78 отсто од македонскиот извоз е реализиран во земјите од Европската унија, а потоа следат земјите од Западен Балкан со 13,6 отсто. Ситуацијата е слична и во сите земји од регионот и тие над 50 отсто од размената ја реализираат со Европската унија. Воедно, Германија е еден од главните трговски партнери на сите земји од Западен Балкан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа