Бошковски задоволен од претставувањето на ЕЛЕМ на саемот во Виена

 

Денеска во Виена, ќе биде затворен најголемиот европски саем за енергетика „Power Gen Europe“. На овој саем во изминатите три дена учествуваа најпознатите енергетски брендови од светот, меѓу кои и АД ЕЛЕМ.
 
Ова е трето учество на АД ЕЛЕМ на „Power Gen Europe“. Пред две години ЕЛЕМ учествуваше на саемот во Милано, а лани во Келн. На саемот во Келн штандот на ЕЛЕМ го посетија преку 3.000 посетители и се воспостави комуникација со значаен број на компании, кои потоа учествуваа на тендерите од ЕЛЕМ. 
 
Дејан Бошкоски, генералниот директор на АД ЕЛЕМ е задоволен од годинашното учество на Саемот и смета дека токму ваквиот начин на претставување доведува до значајни контакти преку кои во Македонија се трансферираат најновите технологии.
 
- Имавме значајни контакти во изминатите три дена и можевме да се запознаеме со прогресот на технологиите во областа на енергетиката во изминатата година. Секако новите контакти ќе придонесат за поголем број заинтересирани компании за учество на нашите јавни повици за реализација на зацртаните проекти. Евидентно е дека ЕЛЕМ, единствената компанија од Македонија што се претставува на „Power Gen Europe“ веќе станува препознатлива на Саемот и нашиот штанд е се поатрактивен и попосетен, изјави Бошковски.
 
Потсети дека на Саемот ЕЛЕМ преку 3Д проекција ги презентираше проектите парк на ветерни електрани Богданци, ХЕЦ Бошков Мост, браната Луково Поле, проектот Вррдарска долина и хидроелектраните Чебрен и Галиште на Црна Река.
 
Штандот на ЕЛЕМ вчера го посети и македонскиот амбасадор во Австрија, Ѓорѓи Филипов, а вистинска атракција за пристуните претставуваше настапот на виртуозот на шишиња, Зоран Маџиров. Неговата изведба на познати арии и мелодии на шишиња предизвика внимание на сите посетители во халата Б на Виенскиот саем каде беше сместен штандот на АД ЕЛЕМ, кој беше лоциран веднаш до штандот на Руското министерство за енергетика.

најчитано сега