Американската НСА и германската БНД со помош на „Дојче телеком“ прислушувале словенечки државјани
Во периодот од 2005 до 2008 година САД заедно со германската разузнавачка агенција БНД и телекомуникациската компанија „Дојче телеком“ прислушувале телефонски разговори во Словенија, тврди денеска словенечкиот телевизиски канал ПОП ТВ, цитиран од руската агенција ТАСС.
Редакцијата на телевизискиот канал добила во посед документи од операција со висока тајност на американските специјални служби со кодно име „Ејконал“. Цел на операцијата било собирање податоци за телефонски разговори на Европејци со можност за нивна идентификација и обработка. Во списокот на европските земји кои биле прислушувани влегла и Словенија.
Словенечкиот премиер Миро Церар изјавил дека американскиот амбасадор во Љубљана ќе биде повикан на информативен разговор во словенечкото Министерство за надворешни работи. Тој воедно додал дека нивните безбедносни служби веќе собираат информации и докази за тоа дали се прислушкувани словенечки државјани. Откако ќе биде направен разговор со американскиот амбасадор и откако ќе се соберат податоци, дури тогаш Словенија ќе одлучи како ќе постапува по ова прашње.
Според ПОП ТВ Американците заедно со своите германски колеги во односниот период ги документирале сите телефонски јавувања од Љубљана во Брисел, Амстердам, Ротердам и Франкфурт, по што записите се испраќани во штабот на БНД на германскиот град Пулах, а потоа во Бад Ајблинг, каде Американците ги анализирале.
Покрај Словенија, деновиве пратеникот од партијата на Зелените во австрискиот Парламент Петер Пилц излезе со тврдење дека во рамки на тајната операција „Еиконал“, на Националната безбедносна агенција на САД (НСА), се проверувани разговори и од Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, јави Танјуг.
Пилц наведува дека НСА со помош на германската разузнавачка служба БНД и телеоператорот „Дојче телеком“ од 2005 до 2008 тестирале акција за прислушување телефонски разговори во рамки на тајната операција „Еиконал“ и оти се проверувани и разговори водени од Словенија, Хрватска, Србија и БиХ.
Целта на операцијата било анализирање и филтрирање содржини на телефонски разговори на цивилното население поради опасност од тероризам, појасни Пилц во емисија на словенечката тв станица Поп-тв, и покажа т.н. „жолта листа“ до која дошол по свои канали, а е наводен доказ оти биле прислушувани и обични граѓани.
На „жолтата листа“ е список кој во 2005 го состави НСА, биле ставени 256 телефонски линии за прислушување. Пилц тврди дека на Американците за прислушување неинтересни во Европа им биле единствено Естонија, Литванија и Малта.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа