Квалитетот ја диктира цената: За тутунот поголема побарувачка и повисока цена

 

Годинава се очекува помало производство на тутун, но поголема побарувачка, а со тоа и повисока цена за килограм откупен тутун, оценуваат тутунопроизводителите кои ги контактираше Лидер. Данчо Милевски, тутунопроизводител од Прилеп вели дека помалото производство е резултат на незаинтересираноста на младите, но и пролетните мразови и дождови кои придонесоа за намалување на насадите со ориентален тутун, пишува Лидер.

-Оваа година имаме неспоредлив квалитет од порано, имаме многу подобар квалитет. Бербата во некои делови од земјава се уште трае, затоа што тутунарите се борат за секое едно ливче да не остане на нивата оти од него очекува егзистенција за наредната година да преживее и да почне со инвестиции од февруари. Согласно со нашите вложувања од 1 декар не чини 24 000 денари, а тоа е од спремање на расад, одгледување и се она што е потребно за примарното производство, вели Данчо Милевски, тутунопроизводител од Прилеп.

Квалитетот ќе ја диктира цената

Како резултат на помалото производство, побарувачката на тутун ќе биде поголема, ако се гледа и фактот дека и во останатите земји во регионот има намалување на површините со тутун. Затоа тутунопроизводителите бараат 190 денари за килограм откупен тутун.

-Има доста раздвиженост од страна на компаниите, и на производителите им нудат откуп на тутун што значи дека откупувачите оваа година се заинтересирани за тутунот, од една страна што имаме помалку тутун. Бараме 190 денари за 2 класа . Ако не постои субвенцијата од 60 денари јас верувам дека ова наше производство ќе опадне бидејќи младиот свет не сака тутун, а со овие средства односно субвенции, тутунарите си имаат пресметка, затоа што со овие пари се покриваат трошоците, вели Милевски.

Стопанска комора: Се стабилизира производството на тутун

Од Стопанската комора пред два дена информираа дека за претстојната реколта се склучени 28.454 договори за откуп што е 6.000 или околу 20 проценти помалку во однос на претходната 2014/2015 година коа беа потпишани 34.500. Во 2013-та, пак, биле склучени 42.367 договори за откуп.

– Евидентно е намалувањето на површините и на производството, но се очекува добар квалитет, а со тоа и цена. Производство на квалитетен тутун е крајна цел и на производителите и на откупувачите, во спротивно ќе губат и едни и други, нагласи Васко Ристовски, од Стопанската комора на Р.М

Старт на откупот на 15 ноември или најдоцна до 15 декември

Од Министерството за земјоделство за Лидер информираат дека според пријавените договори од 9-те откупни претпријатија од реколта 2015 година се очекува да се откупат од 24.000 до 25.000 тони суров тутун што е колку и остварениот откуп од реколта 2014 година.

Според Законот почетокот на откупот треба да биде од 15 ноември или најдоцна до 15 декември.

Производството и трговијата на тутун и тутунски производи учествуваат со 3,2% во бруто домашниот производ.
Тутунската индустрија учествува со 4% во вкупното индустриско производство и со 4,1% вработувања во вкупната индустрија. Во вкупната површина под индустриски култури тутунот учествува со 78%.

Тутунот е застапен на просечна површина од околу 15.430 ха (2007-2014) со 8-годишен просек на производство од околу 23.400 тони.

 
 
28.10.2015 - 08:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега