Нови можности: Кинеските компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

 

Кинеските компании се заинтерсирани за зголемување на инвестиците во Централна и Источна Европа, а со тоа ќе се отворат нови можности за македонските фирми, оценуваат стопанствениците од Македонија кои учествуваат на 5. Трговско економски форум, кој се одржува во кинескиот град Суџоу. 

Македонските компании, организирани од Сојузот на стопански комори (ССК), се дел од 1.000 присутни фирми од Европа и од Кина на Форумот. Воспоставени се добри контакти на форумот од кои следната година треба да произлезе конкретна соработка, вели Данела Арсовска, претседателка на ССК.

Економско трговскиот форум, посочува Арсовска, е добра можност за размена на знаења и пренесување позитивно искуство поврзано со практицирање бизнис како и можност за отворање нови перспективи и инвестициски потенцијали за македонските компании. Многу значајно, потенцира, е што тука се присутни 1.000 компании не само од Кина туку од Централа и Источна Европа кои што меѓусебе креираат можности за воспоставување на соработка од областа на инфраструктурата, градежништвото, ИТ секторот и туризмот.

- Се надевам дека македонските компании ќе ги искористат конекциите кои што ги воспоставивме за време на форумот и дека секако ќе произлезат конкретни проекти особено во оној дел каде што македонските компании ќе ги пласираат своите производи на кинескиот пазар и исто така од трансфер на знаење, размена на искуства и се она што е потребно за подобрување на соработката со Кина, изјави Арсовска.

Трговско-економскиот форум се одржува паралено со отворањето на Самитот на шефови на влади на државите од Централна и Источна Европа  во Суџоу, меѓу кои е и македонскиот премиер Никола Груевски. 

Според Груевски, насоките од активностите во Суџоу трасираат нови интересни можности со широк спектар на соработка и истовремено ja продлабочуваат веќе воспоставената соработка.

- Веруваме дека секоја држава, независно од големината на нејзината територија или население, може да го пронајде своето место под сонцето  на глобалната економска сцена. Република Македонија веќе ја препозна и прифати можноста понудена од страна на Владата на Република Кина за финансирање  инфраструктурни проекти во рамките на формираниот кредитен фонд со„Варшавската иницијатива“, истакна Груевски кој додаде дека Македонија е првата држава којашто потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, имплементирани во изградбата на двете нови автопатски делници кои во моментов се во фаза на изградба.

Кинескиот премиер Ли Кечианг во обраќањето ја истакна подготвеноста за  инвестирање на кинеските компании, но и ги повика компаниите од Европа да влезат и инвестираат на кинескиот пазар како место со неограничени можности.

- Во нашата публика денес имаме големи компании, и се надевам дека бизнис лидерите од Централна и Источна Европа ќе постигнат договори со нивните кинески партнери и облици на соработка од сите видови. Се надевам дека инвестициите на кинеските компании во Централно и Источна Европа ќе растат најмалку двојно. Јас денес им посакувам добредојде на компаниите од вашите земји, и ги повикувам да инвестираат тука во Кина. Вкупниот обрт на кинеските компании во Централна и Источна Европа достигнуваа до 40 проценти од вкупниот обрт на Кина во Цела Европа, истакна  Кечианг.

 
 
25.11.2015 - 08:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега