Програма за поддршка на развојот на женското претприемништво
„Брилијантни претприемачи“ е насловена програмата за поддршка на развојот на женското претприемништво, чиј прв модул беше отворен вчера во Велес. Учествуваат десет жени-претприемачи од Македонија и по пет учеснички од Албанија и Косово.
Програмата е поддржана од амбасадите на Холандија во Македонија, Албанија и Косово. Преку три интерактивни модули во времетраење од седум месеци, учесничките под водство на холандски експерти ќе можат да ги унапредат своите менаџерски вештини и да се запознаат со најновите трендови во модерното менаџирање на компании.
- Првиот модул кој ќе се одвива оваа недела на локација во Велес, ќе се фокусира на идентификување на талентите на жените-претприемачи и поставување бизнис цели кои би сакале да ги постигнат во следниот период. Секоја од учесничките ќе добие насоки и поддршка за воведување на одредена иновација за својот бизнис која би била имплементирана во времетраењето на програмата, соопшти Амбасадата на Холандија во Македонија.
Во вториот дел на програмата, од 6 до 11 март следната година ќе биде организирана петдневна трговска мисија во Холандија во рамки на која жените претприемачи ќе се сретнат со потенцијални деловни партнери - жени претприемачи од Холандија и ќе стекнат нови знаења и искуства преку организирани посети на холандски компании кои се активни во сродни дејности и индустрии.
Покрај првата група од дваесет учеснички, дополнително ќе бидат вклучени и 20 млади жени претприемачи кои имаат желба да започнат свој сопствен бизнис. Тие ќе добијат поддршка за реализирање на својот план преку лично менторство и советување во времетраење од седум месеци од страна на учесниците во програмата „Брилијантни претприемачи“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа