Индустриското производсто продолжува да расте
Индустриското производсто продолжува да расте, покажуваат статистичките податоци.
Индустриското производство во октомври годинава во однос на истиот месец лани е повисоко за 13,1 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен бележи опаѓање од 6,8 отсто, во Преработувачка индустрија има раст од 18,2 проценти, а во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 14,4 отсто.
- Многу е битно да се нагласи кога се анализира структурата на порастот на индустриското производство дека најголем дел се должи на порастот на преработувачката индустрија дури преку 18 проценти што е извонреден показател ако се има предвид дека и во претстојниот период би рекол аналитички очекуваме преработувачката индустрија исто така и понатаму да биде еден од главните носители на економскиот растеж“, вели Томе Неновски, универзитетски професор.
Бизнисмените велат дека овие податоци охрабруваат и влеваат оптимизам.
Снажниот раст на индустриското производство во последните месеци сугерира дека ќе се оствари проектираниот економски раст. Во август, Државниот завод за статистика измери позитива од 12,7 проценти, а во септември од 8,6 отсто. Бизнисмените велат дека се работи на исполнување на нарачките.
- Нашите капацитети се зафатени до април или мај следната година. Тоа дава поттик дека растот ќе биде уште поголем од моменталниот. Ако се среди политичката ситуација, тогаш очекуваме уште поголем бенефит, вели првиот човек на Раде Кончар Аце Антевски.
Индустријата бележи позитивни трендови кои ќе продолжат и во иднина – оценуваат од Сојузот на стопански комори.
- Градежништвото, останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со градежништвото, ќе бидат носители на понатамошниот раст на индустриското производство, меѓутоа, ќе придонесат за раст и на бруто- домашниот производ во третиот квартал“, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.
Пораст од 5,2 процента има кај индустриската група Интермедијарни производи, освен енергија, од 27,4 отсто кај Капитални производи, 0,3 кај Трајни производи за широка потрошувачка и 23,1 отсто кај Нетрајни производи за широка потрошувачка, додека опаѓање има кај Енергија за 14,2 процента.
Ставрески: Растот на индустријата показател за добрите економски политики
- Тоа е добро бидејќи имавме сложена политичка ситуација и растот на индустријата во такви околности претставува силен одговор на стопанството дека политичката стабилност и долгорочните економски политики се најдобрите и најважните услови за раст на економијата, изјави Ставрески.
Според него, индустријата оствари таков раст бидејќи, како што рече, стопанствениците ги гледаат долгорочните политики како стабилни и како добри, а пред се даночната политика и политиката во делот на работните односи, како и мерките како што е „Македонија вработува“, привлекувањето на странските инвестиции и другите економски политики.
- Имаме раст и во работењето на странските компании кај производството на машини и опрема, но и во сегментот на традиционалните индустриски дејности како што текстилната, производството на мебел, тутунската… Причина за остварениот раст е и Буџетот каде што со добрата ликвидност каде што во првите осум месеци од годината со добрата ликвидност и редовното сервисирање на сите обврски кон стопанството овозможивме компаниите што е можно помалку да ги почувствуваат последиците од политичката криза и да имаат редовно подмирување на обврските од Буџетот, рече Ставрески.
Индустриското производство во првите десет месеци од годинава, пак, е поголемо за 3,6 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа