Собранието усвои повеќе законски измени и дополнувања

Собранието на Република Македонија во рамки на 97.седница попладнево ги усвои измените и дополнувањата на законите за сигурност во железничкиот систем, за електронско управување и за води, сите по скратена постапка.

sobranie

Пратениците го усвоија и Предлог-законот за зеленило во прво читање. Во образложението министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски рече дека целта на овој закон е унапредување на просторот со зеленило преку планско и одржливо подигање и одржување на зеленилото, заради зачувување на квалитетот и разновидноста на зеленилото, подобрување на квалитетот на воздухот, подобрување на квалитетот на живот во градските подрачја и унапредување на животната средина.

– Под зеленило се подразбираат сите видови на парковско зеленило и заштитно зеленило кое е предвидено во плански опфат на генерален урбанистички план, како и постојните зелени површини (паркови, парк шуми, рекреативни површини, тревни површини, садници, дрвореди и сл.) кои се уредувани до денот на влегување во сила на овој Закон. Со Законот се уредуваат два вида зеленило – за јавна употреба и за приватна употреба, истакна Мисајловски.

Посочи дека зеленило за јавна употреба е зеленилото наменото за користење од страна на сите физички и правни лица, кое согласно планската документација е предвидено во рамки на градежна парцела со намена-домување во станбени згради (А2), со намена-јавни институции (В) и со намена-зеленило и рекреација (Д), како и зеленилото кое согласно планската документација е предвидено на јавни површини. Зеленило за приватна употреба, пак, е зеленилото наменото за користење од страна на одредени физички и правни лица, кое согласно планска документација е предвидено како придружна содржина на објект во рамки на градежна парцела со намена-домување (А) (освен со намена-домување во станбени згради (А2)), со комерцијални и деловни намени (Б), со намена-производство, дистрибуција и сервиси (Г) и со намена-инфраструктура (Е).

– Надлежен орган за подигање и одржување на зеленило за јавна употреба се единиците на локална самоуправа, единиците на локална самоуправа во градот Скопје и градот Скопје. Во Законот се предвидува донесување Развоен план и годишна програма за подигање и одржување на зеленило за јавна употреба. Во годишната програма на јавните претпријатија потребно е да се предвиди подигање зеленило на најмалку 10 проценти од површината, која во генералниот урбанистички план е предвидена за зеленило за јавна употреба, рече Мисајловски.

Финансиските средства за подигање и одржување на јавно зеленило, нагласи министерот, се обезбедуваат од изворите на средства за финансирање на комуналните дејности кои се утврдени во Законот за комунални дејности.

Потенцира дека подигнувањето и одржувањето на зеленило за приватна употреба се врши доколку во планската документација е утврден процент на озеленетост на предметната градежната парцела, а обврска за подигање и одржување на зеленилото има сопственик на објект кој е изграден на градежната парцела во рамки на која е зеленилото согласно планската документација предвидена како придружна содржина на објект, сопственик на градежно неизградено земјиште и инвеститор на градба согласно одобрението за градење.

– Посебни обврски за подигање на зеленило се препишуваат за сопственик на објект со намена тешка и загадувачка индустрија (Г1) при што се утврдува задолжителна обврска за озеленување на 10 проценти од парцелата и во случај кога согласно планската документација не е предвиден процент на озеленување, како и во случај кога објектот е надвор од генералниот урбанистички план. Доколку не постојат услови за озеленување на парцелата се пропишува обврска за подигање на зеленило на друга локација утврдена од општината односно од Градот Скопје, истакна Мисајловски.

Додаде дека со Законот се утврдува и постапка за инспекциски надзор кој ќе се врши од страна на општинските комунални инспектори и се пропишуваат и прекршочни одредби и постапка при непочитување на обврските утврдени со законот.

Неколкумина пратеници од опозицијата упатија критики на сечењето дрвја во изминатиот период. Според Васко Ковачевски од СДСМ, Законот не треба само да се донесе, туку треба и да се почитува.

Лилјана Поповска од Демократска обнова на Македонија укажа на ниските казни, како што рече, за некој ако пресече или уништи нешто.

– Ништо нема во прекршочните одредби за прекршителите кои нема да предвидат во деталните урбанистички планови зеленило и кои ќе дозволат без процент, без норматив да се гради. Не треба бизнисот да биде пред здравјето, рече Поповска.

Во реплика, пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законското решение кое го предложила Поповска и законското решение предложено од Министерството има повеќе слични работи меѓу кои се: начин на користење на зеленилото, компензација на зеленилото, зелен катастар…

– Но, разликата е во тоа што ова законско решение кореспондира со останатите законски решенија кои ја третираат оваа област. Не може тие едноставно да се избришат. Не може Законот за просторно и урбанистичко планирање да зависи од Законот за зеленило, рече Затуроска.

Расправата по другите точки на 97.седница продолжува утре во 12 часот.

 
 
14.03.2016 - 20:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега