Потпишан Проткол за соработка меѓу УКИМ и Универзитетот во Тирана

Делегација предводена од министерот за образование и наука на Република Македонија Абдилаќим Адеми престојува во дводневна официјална посета на Република Албанија. 

Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски, кој е во делегацијата, денеска со ректорот на Универзитетот во Тирана, Дори Куле потпишаа Протокол за соработка во областа на високото образование.

Фокусот на договорот, соопштија од Министерството за образование и наука, е ставен на зајакнување на досегашната соработка и на поттикнување на научно-истражувачката дејност. За да се постигнат овие цели, како што се наведува, ќе се обезбеди поддршка за обука и усовршување на академскиот кадар.

Министерот Адеми истакнал дека со потпишувањето на Протоколот ќе се продлабочи досегашната соработка во областа на високото образование меѓу двете земји.

Двете страни ќе ги користат знаењата и искуствата едни од други со цел да се обезбедат решенија за научно-истражувачките проблеми од заеднички интерес. Исто така, двете страни ќе разменуваат академски кадар, ќе ја поддржат размената на научно-истражувачкиот кадар и на студенти во областите од заеднички интерес, посочил Адеми.

Во Протоколот стои дека ќе се разменуваат книги, публикации и образовен материјал за обука за истражувачки цели, како и дека ќе се поттикнува и поддржува заедничката истражувачка работа во областите од заемен интерес.

Исто така, двата универзитета се договориле дека трошоците за престој на студентите и на научно-истражувачкиот кадар ќе ги обезбеди универзитетот домаќин. Протоколот за соработка меѓу УКИМ и Универзитетот во Тирана има важност од пет години. 

 
 
16.03.2016 - 13:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега