Заменик-министерот за земјоделство во посета на Новаци, спроведени низа мерки

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски денеска ја посети општина Новаци каде оствари средби со градоначалникот Лазар Котевски, претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров  и со земјоделци од Пелагонија.

Костадиновски ги информираше земјоделците дека веќе се донесени измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои се овозможува вклучување на сточарството во мерката за државна помош при набавка на полиси за осигурување на добитокот.

– Една од главните измени на Законот за земјоделство и рурален развој е можноста сите сопственици на фарми од помал обем, кои сега се категоризирани во прва категорија до 4 грла добиток, во втора категорија од 5 до 10 грла и во трета категорија од 11 до 20 грла добиток, да добијат повеќе поволности. Фармерите кои ќе го окрупнат стадото ќе добијат финансиска поддршка од Владата во зависност од категоријата која се движи од 90 проценти за прва категорија или 70 проценти за втора категорија. Со тоа ќе го прошират сопствениот капацитет, ќе произведуваат повеќе млеко, а со самото тоа ќе има и поголема продуктивност и средства за сопствениците на земјоделски стопанства, истакна Костадиновски.

Тој посочи дека на барање на земјоделците овозможено е намалување на рокот од 180 на 90 денови во кој откупувачите на примарни земјоделски производи ќе мора да ги исплатат соодветните средства. Исто така, на барање на земјоделците е продолжен и рокот за легализација на земјоделската механизација.

– Со измените во Законот за возила се овозможува во период од една година да се спроведе постапката пред суд, да добијат решение за легализација на земјоделската механизација, а потоа до крајот на 2017 година да ги регистрираат земјоделските машини, трактори, приколки… со што им овозможивме на сите оние кои што не ги искористија претходните рокови, сега да можат да извршат легализација на земјоделската механизација, рече Костадиновски.

Тој додаде дека земјоделската механизација наместо да се регистрира секоја година, сега ќе се регистрира на шест години, а техничкиот преглед ќе се врши на секои две години.

– Сите подетални информации за новините, земјоделците може да ги добијат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, нагласи Костадиновски.

Градоначалникот Лазар Котески се заблагодари за поддршката што земјоделците од Пелагонија ја добиваат од ресорното Министерство, а потврда за тоа, според него, е податокот дека  на територијата на таа општина не постои необработена земја.

 
 
16.03.2016 - 15:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега