Нема заразни заболувања кај мигрантите во кампот во Гевгелија
Епидемиолошката служба при ЈЗУ Гевгелија денеска изврши редовен увид во Приватниот транзитен центар Гевгелија и констатира дека нема заразни заболувања меѓу малкуте мигранти кои се сместени во кампот.
Службата констатира дека хигиената е на задоволително ниво и оти редовно се одржува, објектите во кои престојуваат мигрантите се затоплени, а направена е и дезинфекција на површина од 2.400 метри квадратни.
Во врска со одредени информации дека се појавила заразна жолтица во бегалскиот камп во Идомени кој е оддалечен околу 700 метри од гевгелискиот, епидемиолошката служба предложи зголемување на хигиената во просториите и на личната хигиена, интензивно читење на сите простории и санитарни јазли,употреба на течен сапун и дезинфициенси за раце, а изготви и упатства по кои треба да се постапува.
Во ПТЦ Гевгелија моментно престојуваат 45 мигранти. Од нив, 12 мигранти останаа откако се затвори балканската рута, 10 се вратени од Табановце и групата од 23 Авганистанци кои во понеделникот беа спасени од давење во Сува река.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа