Македонската книжевност претставена во Париз

Од огромно значење е што Македонија првпат се претставува на Меѓународниот саем на книгата во Париз. Ова синоќа го заклучија учесниците на трибината „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“, што се одржа во рамки на саемот.

Модератор на трибината беше Јордан Плевнеш, а учествуваа и авторите Луан Старова, Владимир Мартиновски и професорот на универзитетот Сорбона Фабрис Д’алмеида, јави известувачот на МИА. Имаше претставници од реномирани книжевни институции, како интернационалниот поетски фестивал „Пролет на поетите“, кој секоја година се одржува во Париз, поетското биенале на Франција, познати француски поети, издавачи, новинари, претставници од францускиот ПЕН центар. Се одржа и поетско читање „Македонија, светски центар на поезијата“ на кое учествуваа поетите Владимир Мартиновски, Никола Маџиров и други француски автори.

– Македонија првпат се појавува на овој саем и тоа само по себе претставува успех. Вечерашново претставување во секој поглед беше прекрасен успех зошто беше одбележано со присуство на еминентни француски писатели, наши пријатели, поголем дел учесници на „Струшките вечери на поезијата“. Се читаа песни од нивното творештво, имаше богата размена на мислења и една пријателска атмосфера што ретко е забележана на некои од досегашните саеми на кои сме учествувале, како во Гетеборг, Франкфурт или Истанбул, рече Старова.

Штандот, како што рече, е многу вкусно уреден, прегледен и поставен на релативно добро место. Според Старова, дел од учесниците кои се интересираат за Македонија, тука ќе најдат доста богата литература.

Со оглед на тоа што многу од современите и француските класици се преведни на македонски јазик сега, како што рече Никола Маџиров, во ред е да се одговори и со превод на македонски автори на француски јазик.

– Ова е исторсики миг бидејќи Македонија е првпат на Меѓународниот саем на книгата во Париз, рече Мартиновски и изрази задоволство што може да придонесе во презентацијата на македонската современа литература.

Според него, трибината покажала дека имаме еден круг на поддржувачи и пријатели на македонската култура и литература, еминенти писатели, теоретичари, пријатели на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Искрени пријатели кои, како што рече, можат да помогнат во перцепцијата на македонската литература во Франција.

На македонскиот штанд, преку комесарите – издавачките куќи „Три“, „Арс Ламина“ и „Култура“ се претставени над 400 вредни книги на македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија, кои го презентираат богатото културно наследство, македонската традиција, историја, уметност, култура и туристичките потенцијали.

Пред посетителите е претставена и капиталната едиција „Превод на 135 тома македонска книжевност на англиски јазик“ и Антологијата на македонската книжевност во шест тома, објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“.

Бојан Саздов, главен уредник на издавачката куќа „Три“ изјави дека се изненадени од интересот што го има француската публика за македонската книжевност, за тоа кои писатели се претставени на саемот, за книгите, за културното наследство и за Македонија како дестинација која вреди да се посети.

– Искуството е навистина позитивно, а интересот е голем. Сметам дека до крајот на саемот ќе успееме да ја оствариме нашата мисија – да ја презентираме македонската книжевност и да оствариме конкретни контакти со издавачките куќи од Франција и на тој начин да ја пласираме македонската книжевност, рече Саздов.

Тој информира дека вниманието подеднакво е насочено и кон книжевноста, особено оние книги кои се на француски јазик.

– Секое учество на саем е вредно. Книгите се прелистуваат. Луѓето се интересираат што има Македонија да понуди, како културно наследство и локации, додаде Саздов.

Габриел Атанасов, вршител на работите во Амбасадата на Република Македонија во Париз рече дека Амбасадата е вклучена како поддржувач на сите проекти кои се врзани со промоцијата на македонската култура, уметност и со севкупната промоција на Македонија во Париз.

На саемот на книгата, што се одржува во парискиот центар Порт де Версај, годинава учествуваат повеќе од 1.200 издавачи, претставници на 50 држави од Европа и светот и над 4.500 автори. Саемот е едно од најзначајните средишта за претставување на издавачката индустрија од целиот свет. Саемот го посетуваат над 200.000 посетители.

 
 
19.03.2016 - 10:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега