ДИК едногласно го усвои Извештајот од вкрстените проверки

Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашната седница едногласно го усвои Извештајот од проверките и статистичките анализи, вкрстените проверки на различните бази на податоци и евиденции заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список.

Како што изјави Љупка Гугучевска, член на ДИК, по оваа точка немало долги дискусии, само се објаснило зошто требало повеќе време и на што се однесувала првичната бројка. 

Силвана Бонева образложила дека тоа бил првичен извшетај добиен од вкрстувањето на базата на податоци на МВР која содржи 1,9 милион државјани, повеќе отколку што има гласачи.

За втората точка која се однесувала на утврдувањето на начинот на постапување по неконзистентни записи во Избирачкиот список утврдени со Извештајот од проверките и статистичките анализи, вкрстените проверки на различни бази на податоци и евиденции заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список, Гугучевска рече дека првите 15 прашања се изгласани, дел ќе се проверуваат институционално, а дел теренски.

Дискусијата запнала на прашањето за спорните нешто повеќе од, како што рече, 124.000 гласачи кои се неактивни во сите бази по 1 јули 2015 година, но се појавуваат во МВР и во уште една база на податоци. Ставот на СДСМ бил дека треба да се постапува по нив за да се тргне сомнежот од Изборниот законик, додека според останатите членови, нема сомнеж дека станува збор за посточеки, а не за фиктивни граѓани, македонски државјани, кои можеби во периодот по 1 јули минатата година не биле тука, биле надвор од земјата или од други причини трансакциските и другите сметки не им биле активни.

По дискусијата која, како што рече Гугучевска, била жестока, членовите на СДСМ ја напуштиле седницата со образложение дека не сакаат да присуствуваат на гласање за предлог кој сметаат дека е спротивен на методологијата која ДИК веќе ја усвои за вкрстени проверки, но потоа повторно се вратиле и ДИК одлучила прво да постапува по останатите точки, а оваа, спорната, да се остави на крај. 

Потпретседателот предложил ДИК да не се постапува по овие 124.000 гласачи. Ваквиот предлог добил поддршка од седум членови на Комиисјата, но не и од членовите на СДСМ.

- Сите точки беа изгласани, а за оваа, спорната, СДСМ пак ја напушти седницата, од истата причина, дека не треба да се постапува. Другите седум членови на ДИК, пак, го изгласаа предлогот на потпретседателот, да не се постапува по овие нешто повеќе од 124.000 гласачи, информира Гугучевска.

Активностите на ДИК ќе продолжат со технички и организациски подготовки за теренските проверки.

 
 
20.03.2016 - 12:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега