Попоски: Нема да дозволиме промена на уставното име

Нема да прифатиме промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија, ниту пак предлози или идеи кои би го загрозиле македонскиот идентитет,  јазик и култура, потенцира министерот за надворешни работи Никола Попоски на вечерашниот отчет за сработеното во изминатите 10 години.

Говорејќи на оваа тема, министерот Попоски рече дека Македонија останува посветена на надминување на спорот со името.

– По пресудата на Меѓународниот суд на правдата во 2011-та година, јасно е на чија страна е и меѓународното право. Тоа не го велиме ние, туку највисоката судска инстанца за меѓународно право во светот. Мислам дека е значајно да нагласиме дека премногу генерации, премногу мака имаат видено за да може некој да си поигрува со ова прашање и затоа сме одлучни во однос на ова. Уште еднаш би повториле дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија. Воедно нема да прифати никакви предлози или идеи кои би го загрозиле македонскиот народ, националниот идентитет и засебноста на македонската нација, јазик и култура, рече Попоски, додавајќи дека нема да прифатат било какво решение без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум.

Шефот на македонската дипломатија нагласи дека остануваат посветени и на евроатланската интеграција на државата и најави дека ќе продолжи соработката со соседите со цел да има стабилен регион.

Во делот за дијаспората, Попоски посочи дека во изминатите години реализирани се над 130 проекти за дијаспората од формирање на културни катчиња и изучување и промовирање на македонскиот јазик до летни кампови за деца од македонската заедница.

– Имаме формирано инфо центар кој функционира 24/7 на кои може редовно да се обраќаат. Конечно од оваа година почнуваме со еден пионерски проект, односно да овозможиме стажирање во македонски институции на млади Македонци кои се на врвни образовни установи надвор во светот, рече Попоски.

 
 
21.03.2016 - 09:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега