Самарас на средба со Обама во Белата куќа
Грчкиот премиер Андонис Самарас денеска, околу три часот по американско време, треба да се сретне со американскиот претседател Барак Обама, откако неколку часа претходно ќе има средба со државниот секретар Џон Кери.
- Посетата на премиерот Самарас на Вашингтон ја одразува силината на американско-грчките односи. Секретарот Кери ќе ја потенцира американската поддршка за Грција која спроведува клучни структурни реформи за да создаде попросперитетна иднина за своите луѓе. Двајцата лидери исто така ќе дискутираат за голем број прашања, вклучително одбранбената соработка, напорите за борба против тероризмот и регионалната соработка, изјави Џен Псаки, портпарол на американскиот Стејт департмент во пресрет на средбата.
Самарас и членовите на неговиот кабинет одржаа брифинг за неколкумината грчки новинари кои ја следат неговата посета, на кој немаше најави за надворешно-политичките прашања што ќе бидат отворени денеска, или за спорот за името. На брифингот било оценето дека нивото на средбата било кренато повисоко, со вклучувањето на секретарот за финансии Џејк Лу кој неодамна ја посети Атина, советничката за национална безбедност Сузан Рајс, шефот на кабинетот на претседателот Денис МекДоноу, заменикот државен секретар Вилијам Барнс и други пониски американски функционери на средбата во Белата куќа. Од листата отсуствува потпретседателот Џо Бајден, кој неформално е задолжен за балканските прашања во Белата куќа, и кој првично беше најавен од грчката страна како еден од американските функционери кои ќе го примат Самарас.
Од друга страна, Самарас одвои време за американските новинари. Вчера тој присуствуваше на утринскиот колегиум на весникот „Вашингтон пост“. За грчките медиуми, делегацијата информираше дека уредниците на овој угледен весник прашувале за состојбата во Грција, и било разговарано за подобрувањето на угледот на Грција во американските медиуми. Грчката репутација беше драматично нарушена по банкротот во 2010 година и честите известувања за финансиските злоупотреби, корупцијата и порастот на национализмот во Грција. Грчкиот премиер се сретна и со Аријана Хафингтон, основач на новинскиот интернет сајт Хафингтон пост, која има грчко потекло и повремено отстапува простор за репортажи со кои се критикува Македонија или проектот Скопје 2014. Самарас вчера имаше затворена средба и со експертите на Центарот за стратегиски и меѓународни прашања, аналитичка организација во Вашингтон која вработува повеќе поранешни функционери на Стејт департментот. На оваа средба, Самарас се сретнал и со Тим Адамс од Институтот за меѓународни финансии, една од значајните финансиски организации во Вашингтон од кои Грција очекува поддршка за санирање на тешката економска состојба.
По средбата со Обама, предвидено е Самарас повторно да замине во Њујорк, каде утре попладне ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.
ФОТО: Алфа