Иванов на академијата за патрониот празник на Универзитетот „Св.Климент Охридски“

Образованието да го прилагодиме кон современата наука, да инвестираме во истражувањето и во развојот, во технолошките паркови, во современите софистицирани технологии, порача вечерва претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од свечената академија по повод патрониот празник на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола.

Во изминатите години, рече Иванов, државата имаше три приоритети: образование, образование и образование.

- Овие приоритети дадоа плод. Преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат на нашите прсти. Македонските студенти се дел од единствениот европски образовен простор. Се стипендираат студентите кои со своите врвни резултати ќе успеат да се запишат на најпрестижните универзитети во светот. Нашите млади научници се натпреваруваат на светски натпревари и освојуваат награди на меѓународни научни олимпијади, напомена претседателот.

Според него, Македонија има образование кое е задолжително, но и достапно за секој.

- Целта на ваквото образование беше во насока на исполнување на трите нови приоритети, а тоа се економија, економија и економија. Со други зборови, целта на образованието беше да се образуваат кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот. Да им се овозможи да бидат свои луѓе, кои со својот индивидуален успех ќе придонесуваат кон колективниот успех на Македонија. Вложувајќи во нивната сегашност, ние вложуваме во нивната иднина, а со тоа и во иднината на Македонија. Затоа, потребни ни се нови профили, прилагодени на новите потреби. Но, за да го постигнеме тоа, потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум, истакна шефот на државата пред академскиот аудиториум во Битола.

Осврнувајќи се на Св. Климент, рече дека иако е човек на првиот милениум, сепак, пораките што ни ги пренесува се трајни и непроменливи. Во Македонија денес скоро во секој град има институција, улица, црква или барем паметник со неговото име, а вториот најстар универзитет во Република Македонија – Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола го носи токму името на основоположникот на првиот словенски универзитет.

- Доволно е да погледнеме каков е човекот кон кој се стреми Св. Климент. Тоа е човек кој ја отфрлил злобата и нема лоши намери кон другите луѓе. Одговорниот човек е гостопримлив и дарежлив, но не само со пари, туку и со време, внимание и охрабрувачки збор за другите луѓе. Одговорниот човек е понизен наместо возгордеан, работлив наместо мрзлив, трудољубив наместо сластољубив, смирен наместо гневен. Одговорниот човек се грижи за својот дом, за своите најблиски, но и за соседите. Се грижи за сопствената држава. Секогаш и секаде го дава најдоброто од себе, предочи Иванов.

И ректорот Сашо Коруновски во обрќањето ја истакна големината на Свети Климент чие дело и по 11 векови од упокојувањето, повторно се слави. 

- Свечените моменти како што е нашата Академија посветена на Патронот се силни моменти на враќање кон самите себеси, на интроспекција, моменти на размислување за изминатиот пат.... Но, истовремено, покрај силната  симболика што го придружува настанот, тој истовремено претставува проекција, перспектива за она што следи и убава можност да се запрашаме за некои аспекти на она што треба во иднина  да се изоди, изгради..., рече Коруновски.

Свечената академија беше збогатена со уметничка програма во која битолските актери Викторија Степановска Јанкуловска и Петар Спировски рецитираа стихови од Тропарот на Св. Климент, а Владимир Четкар секстет приредија музички концерт. 

 
 
02.12.2016 - 22:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега