Водокрст во тетовско Горно Маало - еве на кого ќе му донесе бериќет крстот

Во црквата Света Богородица во тетовско Горно Маало денеска се одржа традиционалната прослава на празникот Водокрст што се одбележува еден ден пред празникот Богојавленије. Митрополитот тетовско гостиварски господин Јосиф во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – ОА отслужи света божествена и архиерејска литургија, а потоа изврши осветување на водите и водокрст.

- За да можеме да го доживееме богојавлението, богојавувањето и Јовановата порака покајте се бидејќи и нам ни е упатена, а тоа подразбира да бидеме благочестиви христијани, подразбира да бидеме милосрдни, да имаме повеќе љубов, поголема вера, попостојана надеж, да проштеваме и секогаш да помагаме. Денешното осветување на водата за нас е благодатен дар кој ни е даден од бога да го користиме, рече во својата беседа господин Јосиф.

Најсреќен од трите момчиња кои скокнаа по крстот во црковниот базен од дворот во црквата Света Богородица беше 22 годишниот студент од Тетово Милан Михајлов.

-Ова е третпат како скокам по крстот и годинава мене ми се посреќи и јас го фатив крстот. Би сакал да ми донесе здравје, мир, бериќет на мене и на моите најблиски како и на сите останати, изјави Михајлов.

Одбележувањето на овој празник има корени уште од крајот на деветнаесеттиот век кога за време на отоманското владеење пропагандите на околните држави влијаат на поделбата на македонскиот народ во Тетово што довело до тоа и крстот да го фрлаат во два различни денови. По повеќедецениски прекин оваа специфична традиција била возобновена во 1987 година и како таква призната и од црквата. Прв кој го фатил кртстот пред 30 години бил Горан Хаџи Иљоски Чајка.

-Чуството е убаво и ме радува што многу Македонци се повеќе и повеќе ги има во оваа црква така што се надевам дека се повеќе луѓето ќе почнат да веруваат на бога, а не на политичарите рече Хаџи Иљоски.

Централната прослава на празникот Водици во Тетово утре ќе се одржи во соборниот храм Светите Кирил и Методиј, а овој празник ќе биде одбележан и во сите околни населени места со осветување на водите и спуштањето на крстот во базентите од црковните дворови или реките што минуваат низ тетовско.

 
 
18.01.2017 - 15:08
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега