Финансиската полиција му поднесе кривична пријава на екс директорот на Катастар

Финансиската полиција му поднесе кривична пријава на екс директорот на Катастар Славчо Трпески сомничејќи го дека како физичко лице склучил договор за консултантски услуги и својата стручност му ја продавал на Катастарот на Србија.

Според Финансиската полиција, Трпески немал право без договор со македонскиот катастар да дава консултантски услуги на катастарот во Србија. Во текот на 2016 и 2017 година со намера да се стекнат со противправна имотна корист, пријавените ја искористиле службената положба и овластување на начин што без да склучат договор за ангажирање за давање на консултантски услуги со Агенцијата за катастар, како физички лица склучиле договори за извршување на консултантски услуги со Републичкиот геодетски завод Србија и врз основа на извршените консултантски услуги на трансакциските сметки на пријавените пристигнале парични средства од Народна банка Србија со вкупен износ од 3.344.828 денари, за кој износ пријавените го оштетиле Буџетот на РМ“, соопшти Управата за финансиска полиција.

За патувањата во Републичкиот геодетски завод во Србија пријавените отворале патни налози и пријавувале патни трошоци за бензин со користење на службени возила, подигале дневници од девизна благајна и сето тоа на трошок на буџетот на Агенцијата за катастар.

„Пријавените свесно и со однапред утврдена намера иако знаеле дека не постои договор за нивно ангажирање од АКН за извршување на консултантски услуги во Републички геодетски завод Србија, ја искористиле својата службена положба и на нивните сметки противправно прибавиле 3.344.828 денари по основ надоместок за консултантски услуги“, соопшти финансиската полиција.

Од полицијата дополнително го сомничат Трпески дека за своите патувања во Србија користел средства на Катастарот за патни трошоци. Трпески преку писмено соопштение ги демантираше наводите на финансиската полиција. Тој вели дека не постои ниту еден член во законите кој му забранува како физичко лице да дава услуги на пазарот, а со колегите од Србија работел на барање на Светската банка на реформи на нивниот катастар. Трпески демантира и дека користел државни средства за патни трошоци, бидејќи како што вели, најголем дел од работата ја вршел од Македонија за време на неработни денови и викенди, а кога патувал трошоците ги подмирувал српскиот катастар за што како што вели постојат и докази.

Неговото соопштение го објавуваме во целост

Би сакал во целост да ги демантирам наводите изнесени во денешното соопштение на финансиската полиција за поднесена кривична пријава против мене, и истите тие наводи со кои се алудира на некакво си противправно дејство од моја страна да ги оценам како неточни и невистинити.

Сакам да ја информирам јавноста дека на барање на Светска банка ми преставуваше и ми претставува особена чест да работам на проектот финансиран од истата и со моето знаење и искуство да го помогнам развојот на катастарот на Република Србија. Со мојот ангажман како советник на катастарот на Србија не е прекршен ниту еден член од ниту еден закон, не сум ја злоупотребил својата позиција, ниту пак сум отворал патни налози или пријавувал патни трошоци за бензин ниту пак сум користел службени возила или подигнувал дневници во функција на овој мој советнички ангажман. Најголемиот дел од мојот ангажман го вршев од Република Македонија користејќи ги модерните алатки за комуникација, додека за одењето во Република Србија исклучително се користеа неработни денови или денови од годишниот одмор а сите трошоци се подмируваа од страна на банката за што постојат докази.

Од сето ова произлегува дека оваа кривична пријава е неоснована и претставува класична политичка хајка против мене заради моите активности со кои се спротивставувам на штетните политики кои ги спроведува актуелната власт.

Дека се работи за политичка хајка доволно е само да Ве информирам дека денес од вас медиумите дознав за оваа кривична пријава, односно воопшто во изминатиов период финансиската полиција од мене не побара никакви изјави, појаснувања, документација или појаснувања за предметот кој го воделе.

Исто така би сакал да посочам дека советнички и консултатнстки ангажмани имаат и голем број на лица од сите општетствени дејности, меѓу кои и судии, обвинители и државни службеници кои даваат консултантски услуги во земјата и странство со што секако не прават кривични дела бидејќи истото е со закон дозволено.

Политичката хајка против мене е со цел да се покрие слабата работа на актуелното раководство на македонскиот катастар.

Во ситуација кога актуелниот директор на катастарот Борис Тунџев спротивно на Изборниот Законик за време на избори ги промени сите 30 директори на подрачни одделенија на катастарот како и сите државни службеници кои во изминативе 10 години ги донесоа реформите во катастарот, во ситуација кога истиот Борис Тунџев е актуелен в.д директор на катастарот и истовремено сопственик на приватна геодетска фирма а неговата сопруга е управител на истата спротивно на Законот за судир на интереси и многу други закони, во ситуација кога се најави зголемување на цените на услугите кои ги даваат приватните геодетски фирми и кои цени претстојниов викенд во Струмица треба да бидат детализираат, СДСМ одлучи да прави политички прогон против лица докажани во својата струка и барани од светски меѓународни организации без ниту еден доказ се со цел да се оттргне вниманието од актуелната политичка ситуација во земјата. Со оглед дека со оваа кривична пријава неосновано се нарушува мојата чест и углед, ќе следуваат поднесување на кривични пријави за сите инволвирани лица а за оваа политичка хајка ќе бидат за познати и сите меѓународни институции“ – стои во соопштението на Трпески.

 

 

 

22.11.2017 - 15:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега