Валиева позитивна на допинг тестовите: Познато на која забранета супстанца „падна“ 15-годишното чудо од дете

 

Руската лизгачка Камила Валиева добила позитивен резултат на допинг тестовите, а познато е и на која супстанца „паднала“.

Валиева била позитивна на забранет лек за срце пред Игрите во Пекинг, а примерокот бил наводно добиен пред таа да триумфира на Европското првенство минатиот месец во Естонија.

Таа користела „триметаздин“ кој, според агенцијата за лекови на Европската унија, е лек кој се користи за лекување ангина пекторис и лекува симптоми на вртоглавица. Исто така, овој лек ја зголемува ефикасноста на протокот на крвта и ја подобрува издржливоста.

Се наоѓа на листата на забранети супстанци на Светската антидопинг агенција и спаѓа во категоријата „модулатори на хормони и метаболизам“.

Кој ќе го решава овој случај?

Програмот за тестирање на спортистите за Олимписките игри го води Меѓународната агенција за тестирање со седиште во матичниот град на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), Лозана - Швајцарија.

Типичните олимписки случаи на допинг ги обработува и објавува Меѓународната агенција за тестирање (ITA) која привремено изрекува суспензија и ги повлекува спортстите од натпреварување.

Спортистите и нивните тимови можат да ја оспорат таквата одлука на Судот за спортска арбитража кој се наоѓа во Пекинг, за решавање на итни случаи. Постои судски совет кој е специјализиран за случаи на допинг.

Освен Олимписките игри, управувачкото тело на спортистите - во овој случај Меѓународната лизгачка унија (ISU), отпочнува дисциплинска постапка која обично води кон дисквалификација.

Случајот на Валиева може да се искомплицира, како што е соопштено, ако примерокот е земен пред почетокот на официјалниот олимписки период на настанот на „ISU“.

На Олимписките игри во Токио, нигериската атлетичарка Блесинг Окагбаре беше повлечена од понатамошно натпреварување во пресрет на полуфиналето на 100 метри, кога тестот пред Игрите излезе позитивен. Суспензијата ѝ ја изрече Атлетската единица за интегритет во атлетиката.

Случајот на Валиева би требало исто така да го вклучи и Меѓународниот олимписки комитет бидејќи таа и рускиот тим веќе се натпреваруваа и освоија злато во екипно уметничко лизгање.

Камила ја штитат годините

Валиева во овој случај може да ја штитат - нејзините години. Светскиот антидопинг кодекс ги класифицира малолетните како „лица кои не навршиле 18 години“.

Додека јавното обелоденување на случајот е задолжително за возрасните спортисти, за малолетниците е дискутабилно поради нивната идентификација и „треба да биде сразмерно со фактите и околностите на случајот“.

Околностите на случајот на Валиева исто така треба да се сосредоточат на советите и одлуките на официјалните лица и тренерот на нејзиниот тим, кој инаку „се грижат за неа“.

10.02.2022 - 13:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега