Обвинувања и закани помеѓу градоначалникот на Берово и Пехчевски: Едниот се жали на упад, другиот дека бил избркан
Пациентот со цистична фиброза Игор Пехчевски обвини дека градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски му се заканил и го избркал од општинските простории. Пекевски негира дека Пехчевски бил избркан, но потврдува дека му се заканил со обезбедувањето бидејќи упаднал и правел сцени.
„Пред неполн час јас Игор Пхечевски пациент со цистична, бев во Општината Берово кај градоначалникот Звонко Пекевски. Во негово присуство беше и викарниот епископ Јаков, кој себеси се претставува за голем Хуманист со својата фондација Елеуса сакав да поразговарам и со него. Му го образложив мојот проблем и во истиот момент градоначалникот го извади телефонот и почна со повисок тон да ми се заканува дека веднаш ќе го викне обезбедувањето да ме исфрли надвор од Општина Берово. На зборовите не реагираше нити епископот Јаков. Јас останав Запрепастен и од двајцата еве ако грешам нека ме поправи епископот Јаков и ако навистина верува во тоа што му пренесов на градоначалникот нека излезе јавно и нека каже дали ме поддржува“, вели пациентот со Цистична Фиброза Игор Пехчевски.
Градоначалникот Пекевски, пак, има друга верзија.
„Не сум го избркал, му се заканив зошто упаѓа на средбата. Секоја чест за пациентот Игор што ги бара правата меѓутоа премногу упаѓа на средбите и прави сцени, непотребни. Тој го прашува Отецот дали сум јас верник, тоа си е приватно и секој си го носи тоа во себе. Му реков ако не престане да упаѓа на средбите ќе му викнам обезбедување. Тој бара разговори, за тоа си има протоколи. Создава поинаква слика за одредена состојба, тоа што е болен не му дава право да се однесува нападно. Ми се закани дека ќе викне новинари, му реков ако слободно, јас ја почитувам неговата борба, ама некоректно е да ме напаѓа за работи за кои сум се потрудил да му помогнам, но не сум успеал“, рече градоначалникот Пекевски за „Макфакс“.
Иако смета дека со објавата на „Фејсбук“ Пехчевски го клевети, градоначалникот Пекевски вели дека нема да го тужи за клевета.
Пехчевски со месеци се бори да го добие лекот „тикафта“ кој во моментов го добиваат 12 пациенти. Кај голем дел од нив, според сведочењата, има неверојатни резултати. Лекот стигна во државата по неколкуте протести на болните, а кулминација беше смртта на 45 годишниот Благојче Илиевски кој во февруари почина чекајќи државата да му обезбеди „трикафта“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа