Ѓорѓиев: Почнува процесот на ангажирање на странски експерти во домашните компании
Почнува втората фаза од Проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании, кој носи корист за домашниот бизнис сектор, информираше денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Како што рече Ѓорѓиев, интенцијата на проектот е искористување на знаењата и вештините на еминентни меѓународни експерти кои со својот придонес треба да овозможат подобрување и унапредување на деловните процеси во македонските компании, да ја подобрат продуктивноста и ефикасноста на бизнисот и да создадат додадена вредност на процесот на деловна активност.
Овој проект, објасни Ѓорѓиев, е поделен во две фази. Во првата фаза беше спроведен јавен и транспарентен процес преку кој сите заинтересирани компании можеа да се пријават до Владата за ангажирање на овие експерти, и на кои добивме 105 пријави од компании од целата територија на државата и компании со секаква големина во однос на бројот на вработени. По завршувањето на тој процес сите компании беа исконтактирани или посетени и беше утврден точниот профил на експерт кој тие го побаруваат
-Сакаме да информираме дека започнува втората фаза од овој проект. Како што ветивме така и одиме понатаму. Првата група на странски експерти кои ќе имаат за цел поддршка на македонските компании кои изразиле интерес за тоа, ќе почне да пристигнува во следните денови и заклучно со крајот на месец април се очекува во рамките на оваа прва група 15 странски експерти да пристигнат и да работат во компаниите од земјата, да го дадат својот придонес во подобрување на деловните процеси во нашите компании и да овозможат корист за истите, рече гласноговорникот на Владата.
Во однос на индустријата каде што ќе доаѓаат, рече Ѓорѓиев, најголем број на експерти ќе дојдат во домашните компании од преработувачка индустрија, но и во компании од информатичка дејност, и од туризмот, образованието, земјоделската дејност и други дејности.
-Во однос на големината на компаниите и бројот на вработениимаме покриеност на различен обем на компании, односноекспертите ќе работат во компании кои имаат до 50 вработени, компании од 50 до 100 вработени, експерти во компании со 100 до 200 вработени, но и во компании со над 200 вработени, рече владиниот портпарол.
Она што е значајно да се истакне, рече Ѓорѓиев, е дека за сите овие експерти се направени консултации со компаниите кои ги побаруваат и со нашите меѓународни партнери од Холандија и Германија со кои соработуваме на овој проект. По првичниот контакт и селекција на експертот во заедничка соработка, на компаниите им беше овозможено директно да исконтактираат со експертот за да го прецизираат конкретниот дел од работниот процес кој треба да биде покриен за на крај да се воспостави и конкретната соработка.
-Исто така, значајно е да се истакне дека компаниите во однос на овие експерти ќе имаат минимален трошок и тоа во поглед на неговото сместување. Компаниите ќе немаат обврска во останатиот главен дел од трошоците затоа што тие главни трошоци во поглед на обезбедување на експертот, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации во рамките на билатералната соработка, рече Ѓорѓиев.
По завршувањето на оваа прва група, додаде тој, динамиката предвидува во следните месеци, на секои 45 до 60 денови да доаѓаат нови групи од по 15 експерти кои ќе придонесуваат за домашните компании, при што се очекува покрај експерти од Холандија и Германија листата да се прошири и со експерти кои ќе бидат обезбедувани во соработка со други развиени земји или пак во рамките на соработката со мултилатералните економски организации.
-Со овие чекори согласно ветувањата отпочнува овој процес за привлекување и ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании. Ова е многу значаен проект за компаниите од нашата земја. Овие странски експерти ќе овозможат унапредување на способностите на самите компании и можности за поголема профитабилност. Тоа е од интерес не само за компаниите и нивните сопственици, туку и за вработените во компаниите и за отворањето на нови работни места, но и за локалниот и општиот економски раст и развој на Република Македонија, истакна денеска Ѓорѓиев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа