Објавена листата со промени на имињата на улиците во Скопје

Од Град Скопје информираат дека на претстојната седница на Советот ќе се расправа за имињата на 485 улици во градот.

„Повеќето од овие улици досега биле именувани со број или биле именувани како краци на други поголеми улици. По усвојувањето на оваа одлука од Советот, овие улици ќе добијат нови имиња“, се наведува во соопштението.

Градските власти посочуваат дека со одлуката ќе бидат вратени и некои од старите имиња на улиците што беа променети во текот на 2012 година.

„Тоа беше спротивно од волјата на граѓаните што живеат на тие улици, па затоа ќе се вратат имињата на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Алјенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќска, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други“, се наведува во соопштението.

Новите имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје, во согласност со Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, предвидено е да се црпат од Регистарот на имиња, кој неодамна беше дополнет од Советот на Град Скопје со листа од нови 570 имиња, по претходно добиената согласност од Владата.

„Мостот ‘Тодор Александров’ (популарно наречен ‘Близнак’) ќе биде преименуван во мост ‘Накие Бајрам’ и ‘Роса Плавева’, мостот ‘Слобода’ (кај ‘Холидеј ин’) ќе се вика мост ‘Вера Ацева’, а новиот мост на булеварот АСНОМ, ќе се вика ‘Генерал Михајло Апостолски’.

Улицата пред Градскиот стадион ќе се вика ‘Столтенбергова’ според угледниот норвешки дипломат и висок функционер на Обединетите нации, Торвалд Столтенберг, кој даде голем придонес во обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Булеварот ВМРО ќе добие ново име и ќе се вика ‘Блаже Конески’, улицата Стив Наумов (поранешна ‘Ленинградска’) ќе се вика ‘Славко Јаневски’, улицата ‘Адолф Циборовски’ ќе се вика ‘Горан Стефановски’, а улицата 1523 во Кисела Вода ќе се вика ‘Благоја Георгиевски – Буштур’. Пешачкиот мост кај зградата на Владата ќе го добие името по неодамна починатиот заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи“, се наведува во соопштението на Град Скопје, во кое се додава дека при изборот на нови имиња, кои ќе бидат содржани во предлогот на градоначалникот Шилегов до Советот, земени се предвид етничките, културните и социјалните специфики на локалното население што живее на тие улици.

„Во согласност со ваквите заложби, новиот булевар, кој е предвидено да биде изграден од скопската обиколница до булеварот Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика ‘Хасан Приштина’. Во таа насока во редот на новите имиња на улици ќе се најдат и ‘Беким Фехмиу’, ‘Ибрахим Ругова’, ‘Адем Демачи’ и ‘Мајка Тереза’“, стои во соопштението во кое е наведена и целосната листа за промена на улиците во Скопје.

МАКФАКС

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2021 - 20:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа