Одржана комеморација за жртвите од Цетиње: Тешко е, никогаш повеќе нема да ги видиме

 

Во Цетиње утрово се одржа комеморација за сограѓаните кои трагично загинаа во масакрот што се случи во петокот.

На комеморацијата присуствуваа роднините и пријателите на убиенитe, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, премиерот Дритан Абазовиќ, како и градоначалникот на Цетиње Никола Ѓурашковиќ, јавуваат медиумите во регионот.

Градоначалникот на Цетиње рекол дека градот е окован во тага и неверување за жртвите од бесмислениот напад.

„Тешко е да се прифати дека никогаш повеќе нема да ги видиме и сретнеме нашите сограѓани, а најтешко е што никогаш нема да ги видиме нашите два ангела, Машан и Марко како поминуваат и одат на училиште, како трчаат по топката. Никогаш нема да ги заборавиме нашите сограѓани. Тоа ќе остане неизбришлив дел од нашето сеќавање, им благодариме за сите среќни моменти што ги поминавме со нив, а градот ќе знае да се грижи за роднините на жртвите“, изјавил тој.

На крајот од комеморацијата, еден од роднините на убиениот од Цетиње ненајавено им се обратил на претседателот и премиерот на Црна Гора и побарал од властите да го ослободат од одговорност човекот кој пукал во Вук Бориловиќ, пишува во новинарските извештаи.

„Ве молам властите да не го обвинат, децата да не останат без татко, да го ослободите од одговорност и казна“, кажал жителот на Цетиње.

Неговото барање наишло на аплаузи и гласни извици на одобрување во преполната сала на владиниот дом во Цетиње, јавуваат агенциите.

14.08.2022 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега