Петровска: Партнерството во НАТО е уште една можност да се покаже силата на Алијансата

Партнерството во НАТО е уште една можност да се покаже силата на Алијансата и да се учествува на рамноправна основа во процесот на осигурување на нашата одбрана и безбедност, изјави меѓу другото министерката за одбрана на Северна Македонија Славјанка Петровска за надворешната политичка програма на БНТ „Светот и ние“.

Според македонската министерка за одбрана, како што јави дописникот на МИА од Софија, руската инвазија на Украина крие одредени ризици во регионот на Западен Балкан, кои земјите-членки од регионот мора да ги предвидат и да бидат подготвени да одговорат.

– Ако до пред неколку години Република Северна Македонија, која е дел од овој регион, бараше да биде заштитена, сега е дел од заштитата и обезбедува гаранција за регионалната безбедност. Во Брисел се одржува состанок на Воениот комитет на НАТО, на кој едно од прашањата за кои ќе се разговара е формирање борбена група во источното крило на Алијансата, која ќе биде во Бугарија под италијанска команда, рече министерката Петровска.

Таа додаде дека Северна Македонија има политичка волја да учествува во него, а постои и јавна поддршка.

Соработката меѓу Бугарија и Северна Македонија во областа на одбраната, според неа, е на одлично ниво и ќе се продлабочува. Министерката Петровска истакна дека Северна Македонија е многу задоволна од образованието на своите офицери на бугарските воени универзитети и особено на Воената академија во Софија.

Во моментот, Северна Македонија е многу блиску до постигнување договор за едукација и дообука на македонски воени лекари и персонал на Воено-медицинската академија во Софија.

Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, информира дека го поканила министерот за одбрана на Бугарија Драгомир Заков да го посети Скопје, како и единици од двете армии да спроведат заеднички вежби во базата во Криволак.

20.05.2022 - 20:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега