Почна реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ во Гази Баба- Оваа инвестиција градот ќе го чини околу 110 милиони денари

Градот Скопје за потребите на развој на општина Гази Баба почна со поставување на фекална канализација по булеварот „Киро Глигоров“. Ова ќе биде првата канализација што директно се влева во колекторскиот систем во должина од над еден километар. Од другата страна на булеварот ќе се работи на изработка на атмосферска канализација, со што целосно ќе се реши повеќедеценискиот проблем за непостоење на фекална и атмосферска канализација на овој дел, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

Паралелно со изведбата на овие две канализации, Шилегов најави дека во првата фаза ќе извршат измена, замена и освежување на коловозот на улица „Перо Наков“. Тој додаде дека по завршување на работата на канализациите ќе биде обезбедено реновирање и целосна реконструкција на асфалтниот дел од булеварот „Киро Глигоров“ до мостот „Близнаци“.

– Оваа инвестиција градот ќе го чини околу 110 милиони денари, станува збор за фазни работи, првиот дел со замена на асфалтот ќе биде готов за речиси еден месец, остатокот од канализацијата со реконструкција на асфалтот во останатиот дел би требало да се заврши за неколку месеци, изјави градоначалникот Шилегов.

Вториот проект е реконструкција на улицата „Перо Наков“, а Шилегов информира дека во соработка со Општината Гази Баба се во завршна фаза на документацијата за почеток на постапката.

Градоначалник Гази Баба Борис Георгиевски,  вели дека овие два капитални проекти се од исклучителна важност за населението што гравитира од Аеродром кон надвозникот во Автокоманда и реконструкција на улицата „Перо Наков“ што не е реконструирана над 50 години.

-Со овие два проекти мислам дека ќе придонесеме во делот на регулирање на атмосферската и фекалната канализација, што во овој момент уште ги нема. Реконструкцијата на булеварот е неопходна бидејќи претставува тесно грло и единствен мост што е функционален на потегот од општина Аеродром до општина Гази Баба со остатокот на градот, додава тој.

Градоначалникот на Гази Баба апелираше на трпение од страна на возачите, поради работата на булеварот „Киро Глигоров“.

19.07.2021 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега