Покривот на ТЦ „Мавровка“ ќе се претвори во зелена оаза

По „ГТЦ“ и „Дом на градежниците“, ТЦ „Мавровка“ ќе биде третиот објект во Скопје чиј рамен покрив ќе биде претворен во зелена оаза. Градот Скопје во соработка со Општина Чаир и Здружението на сопственици на деловен простор во Деловниот центар „Мавровка“ потпиша Меморандум за соработка за зелен кров. Овој проект, кој е на површина над 3.000 метри квадрати, е донација од Здружението на сопственици на деловен простор.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов истакна дека зелените покриви се една од мерките за намалување на т.н. урбани топлотни острови кои воедно даваат можност за развој на вегетацијата и животинскиот свет во урбаните средини. За повисоки температури во овие средини придонесува и збиената структура на објектите, која оневозможува проток на воздушната маса, како и асфалтот, издувните гасови од возила и слично.

– Овој зелен покрив е во непосредна близина на најпрометната раскрсница во градот каде дневно поминуваат над 70.000 возила заради што токму тука е поставена мерната станица „Ректорат“ која го мери аерозагадувањето во овој дел од градот. Тука би ја воочил разликата со претходната власт која во рамките на проектот „Скопје 2014“ изгради две згради одземајќи го зеленилото на Ректоратот, јас и мојот тим враќаме исто толку зеленило на покривот на веќе изградената зграда на ТЦ „Мавровка“, рече Шилегов.

Тој потенцира дека овој простор се планира да бидат засадени над 40 различни видови на садници.

-Убеден сум дека исто како и зелениот покрив на ГТЦ и новиот зелен покрив на Домот на градежници кој го најавивме неодамна, така и покривот на Мавровка ќе стане едно од омилените места на нашите сограѓани, што природно ќе го зголеми и бројот на посетители на овој трговски центар. Со тоа Скопје добива еден нов и модерен лик со многу зелени површини и урбани содржини кои нè носат чекор поблиску до целта – нашиот град конечно да стане зелена престолнина со која сите ќе се гордееме, потенцира Шилегов.

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу истакна дека местоположбата на овој ТЦ е доста значајна и во иднина ова место ќе биде со зеленило и друга урбана опрема, кое ќе го подобрува имиџот на трговскиот центар и ќе повлече голем број на консуматори.

Работите на зелениот покрив на ТЦ „Мавровка“ треба да почнат во април годинава.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.01.2021 - 16:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега