Преспанскиот херој – Васил Јанкула во акција за новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби
Васил Јанкула, познат како преспанскиот херој организира акција за собирање на новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби.
– По повод меѓународниот ден на солидарноста, заедно со моите пријатели ја реализиравме првата донација со новогодишни пакетчиња за децата и младинци со оштетен слух и говор во училиштето „Кочо Рацин” Битола, каде бевме топло пречекани од директорката и персоналот на училиштето, рече Васил.
Денеска тој го посетил Дневниот центар за лица со посебни потреби во Ресен.
-Кога постои желба, љубов, упорност во животот се’, се може. Денес топло ми беа отворени вратите во Дневниот центар за лица со посебни потреби Ресен. Ви благодарам на сите што дониравте за нив, за нивната мала насмевка, изјави Васил.
Преспанскиот Херој најавува уште акции за децата со посебни потреби и упатува повик до сите хумани луѓе да донираат новогодишни пакетчиња со цел да внесат за миг малку радост за децата со посебни потреби.
Епитетот преспански херој го доби откако со своите подвизи покажа како е да им се пркоси на предрасудите и попреченоста.
Васил Јанкула роден со церебрална парализа и во 2019 година помина повеќе од три илјади километри со својот трицикл низ цела Македонија со цел да докаже дека буквално „Сите се исти“ и дека неговиот пример треба да го следат и другите лица со попреченост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа