Притвор за двајца осомничени кои неовластено држеле голема количина оружје

Основното јавно обвинителство Струга поведе истражна постапка против 55-годишен жител на с. Трапчин Дол, кичевско и 42-годишен жител на с. Франгово, струшко, бидејќи постои основано сомневање дека секој од нив го сторил кривичното дело- неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи казниво по Кривичниот законик.

На 11 мај 2021 година, во Струга и Дебарца, обвинетите неовластено држеле поголемо количество на огнено оружје и муниција која на граѓаните им е забранета.

Едниот од нив во платнена сина торба ставил полуавтоматско кусо огнено оружје пиштол марка „Heckler & Koch USP Compact“ со калибар 9 мм и една хартиена паковка сo муниција за огнено оружје 50 куршуми кал. 9 мм, наменета за испалување од огнено оружје – полуавтоматски пиштол и автоматско огнено оружје. Тој оружјето го пренел од Кичево до Дебарца, каде на бензинската станица кај с. Ново Село торбата со оружјето ја предал на вториот осомничен кој ја зел со себе и со возило “мерцедес’ се упатил кон Струга. Набргу бил запрен од страна на полициски службеници.

По донесување на наредбата за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени, струшкото обвинителство до надлежниот суд достави предлог за да се определи притвор бидејќи постојат околности кои укажуваат дека доколку се на слобода може да се дадат во бегство и да ја попречуваат кривичната постапка со влијание меѓу себе и врз сведоците.

Судијата на претходна постапка при Основниот суд Струга го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничените им определи притвор во траење од по 30 дена.

МАКФАКС

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.05.2021 - 10:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега