Приватните превозници ја продолжуваат блокадата пред Град Скопје

 

Приватните превозници и денеска продолжуваат со блокада на булеварот „Илинден“ кај Град Скопје. Блокирани се лентите на булеварот на потегот од Фонтана до крстосницата кај ГОБ „8 Септември“.

Помош да се најде решение за проблемот со исплатата на долгот од Град Скопје, во петокот побараа и од премиерот Димитар Ковачевски до кого, велат, испратиле барање за средба.

Премиерот во интервју за МИА посочи дека тоа треба да го решат градоначалничката на Град Скопје и мнозинството во Советот на Град Скопје.

– Решавање на дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со превозниците, тоа не е работа на Владата, тоа треба што поскоро да го реши градоначалничката и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ да им го врати функционален градот на скопјани. Кавгите, граѓаните не ги интересираат, туку решенијата, вели Ковачевски, додавајќи дека Владата во рамки на нејзините ингеренции направила се што е во нејзина моќ – законските услови за нормално функционирање на општините се обезбедени, дотациите се обезбедени, а во 2023 планирани се и зголемени блок и ДДВ дотации за општините.

Скопје, вели премиерот, е нефункционален, заглавен град, со колабиран јавен превоз, со граѓани кои едноставно не можат да си ги завршат дневните обврски, не можат да функционираат нормално.

– Прескапа цена плаќаат граѓаните заради кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу Мицкоски и Арсовска. Тоа е недозволиво, посочува Ковачевски.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на раскрсницата кај Мавровка, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст.

12.12.2022 - 09:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа