Рама тврди дека го видел документот со промена на границите на Западен Балкан

Албанскиот премиер, Еди Рама, го потврди постоењето на мапа во врска со промената на границите на Западен Балкан, пренесува Газета Експрес.

„Разговарав со него (Јанез Јанша) многу одамна. Исто така, го имам видено документот што беше објавен. Немам коментар“, рече Рама во емисијата „Избори 2021″.

Во четвртокот, словенечкиот портал Нецензурирано.си објави документ, кој наводно предлага ревизија на границата меѓу Косово и Србија, обединување на Косово без северниот дел со Албанија, обединување на делови од Црна Гора и Македонија каде мнозинството е албанско население со Албанија, можноста за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина и нејзино обединување со Србија, како и обединување на делови од западна Босна со Хрватска.

Европската унија повеќе пати повтори дека тие не знаат за таков документ.

Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, чија земја ќе претседава со Европската унија во втората половина на оваа година, изјави дека тврдењата за постоење на тој документ се насочени кон нанесување штета на Словенија во ЕУ.

„Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и европската иднина за земјите од Западен Балкан и ваквите пишувања се обидуваат да ја спречат оваа цел“, објави Јанша на социјалните мрежи.

Тој вчера изјави дека не постои документ со кој Словенија би се залагала за промена на границите на Балканот.

Копија од наводниот документ беше објавена на англиски јазик од словенечкиот портал, но без да се објасни кој го составил и на кого бил упатен, пишуваат агенциите од регионот.

МАКФАКС

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.04.2021 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега