Салман Ружди симнат од респиратор, свесен и зборува: Напаѓачот се изјаснил за невин

 

Британскиот автор Салман Ружди останува во болница во тешка состојба, еден ден откако беше повеќекратно прободен со нож на литературен собир во државата Њујорк, додека неговиот напаѓач пред судот се изјаснил за невин. Сепак, како што јави Би-Би-Си, Ружди е изваден од апаратот за дишење и може да зборува.

Обвинетиот вооружен напаѓач, 24-годишниот Хади Матар од Њу Џерси, се изјаснил за невин пред судот, објавил неговиот вршител на должноста адвокат Натаниел Бароне. Матар се товари за убиство во обид и нанесување тешка телесна повреда.

Ружди (75), чија глава е уценувана откако ги објави Сатанските стихови во 1989 година, требало да одржи предавање во Чаутаука, во западниот дел на државата Њујорк, кога Матар го нападнал со нож и му нанел неколку убоди.

Според окружниот обвинител Џејсон Шмит, Ружди бил избоден три пати во вратот и четири пати во стомакот. И окото му било прободено.

Писателот беше опериран во петокот вечерта, по што беше ставен на респиратор.

Писателите и политичарите ширум светот го осудија нападот. Во саботата, американскиот претседател Џо Бајден им се придружи, пофалувајќи ја посветеноста на Ружди за „универзалните идеали“.

Полицијата сè уште не го утврдила мотивот за нападот, но NBC објави дека прелиминарниот полициски преглед на профилите на социјалните мрежи на Матар открил дека тој имал наклонетост кон шиитскиот екстремизам и иранската Револуционерна гарда.

Матар е роден во Калифорнија, но неодамна се преселил во Њу Џерси. Тој е уапсен на местото на нападот, а очевидци велат дека не кажал ништо. Неговото следно рочиште пред судот ќе биде во петок.

14.08.2022 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега