Шилегов: Град Скопје уредува нов зелен сквер во општина Аеродром

 

На постојната зелена површина од 2000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“ во Општина Аеродром, денеска започна редизајнот на третата од вкупно четири локации, што Градот Скопје ги уредува во зелени скверови.

– Ова е третата локација на која Градот Скопје во соработка со Скопје Лаб работи на уредување на запуштените површини што се наоѓаат во  различни општини. Целосното преуредување на просторот се очекува да заврши за 30 дена, а ќе се врши врз основа на анкетите коишто се направени со локалното население коешто гравитира кон овие површини. Анализирани беа нивните навики и потреби за да го направиме овој простор во Аеродром едно пријатно катче каде што тие ќе го поминуваат слободното време, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на заедничката прес-конференција со градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.

Вредноста на проектот за уредување на новиот зелен сквер изнесува околу 3,7 милиони денари, а реализацијата се очекува да заврши за 30 дена.

Локацијата е избрана од граѓаните како една од седумте локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП  што започна во 2018 година. Во овој процес беа вклучени различни возрасни групи на граѓани  преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат на во овој дел од населбата.

Дополнително се работи на мапирање на дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер присуствуваше и градоначалникот на Општина  Аеродром, Златко Марин.

– Општина Аеродром и Град Скопје продолжуваат со уредување на запоставените поврзшини во општината. Такво место ќе биде и овој сквер, рече Марин.

Тој информира дека по завршување на паркот Мичурин, Општина Аердром продолжла со уредување на паркот Бојмица, како и оти за кусо време ќе почне со уредување на парк во индустриска зона. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.09.2020 - 14:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа